Тим од научници од цела Америка, проучувајќи ги податоците за Марс, испратени од страна на роверот Кјуриосити, најде докази за присуство на тримит – тип на минерал кој се поврзува со вулканските експлозии овде на Земјата. Во досегашните теории за историјата на Црвената планета, се сметаше дека од геолошка гледна точка станува збор за многу постабилна и мирна планета, поради тоа што таа нема тектонски плочи кои се во движење и кои би предизвикале големи потреси и експлозивни вулкански ерупции. Досегашните докази за вулканските активности на Марс укажуваа на процеси со мирен тек, како при создавањето на Хавајските острови, кои настанале исклучиво поради топење на врелите слоеви веднаш под површината. Но, сега, со новооткриените докази за присуството на минералот, научниците ќе мора да си ги преиспитаат теориите за античката историја на Марс.
Роверот Кјуриосити се движи низ кратерот Гејл уште од 2014 година. А изминатата година започна со копање и проучување на примероци од областа позната како Marias Pass. Истражувачкиот тим преку анализи со рентгенски зраци утврди присуство на големо количество на минералот тримит. Откритието е шокантно и во конфликт со досегашните теории за историјата на Марс. Постои и веројатноста овој минерал да бил донесен од далеку. На овие простори од планетата преку претходни истражувања беше утврдено присуство на речни и езерски корита кои во минатото биле исполнети со вода. Можеби вулканските минерали биле донесени преку течението на реките од подалечни места на планетата. Но, сепак останува нејасно како Марс би можел да има такви силни ерупции без тектонски плочи. Допрва ќе следуваат дополнителни истражувања и теории за потеклото и количеството на присуство на овој минерал на Црвената планета.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys