Титан е една од стотиците месечини во нашиот систем, но е единствена со густа атмосфера и големи површини со течност на површината поради што на некој начин повеќе наликува на карпеста планета отколку на сателит. Сатурновиот сателит Титан, исто како и Земјата има атмосфера претежно исполнета со азот, со тоа што во неговиот случај процентот изнесува дури 95. За разлика од Земјата пак, Титан има многу малку кислород бидејќи остатокот од составот на неговата атмосфера е исполнет со метан и помали количества на други гасови.
Поради оддалеченоста на Сатурн од Сонцето, тамошните студени температури овозможуваат присуство на метан и етан во течна состојба на површината на овој сателит. Затоа, научниците уште одамна шпекулираат за можностите за јаглеводородни езера и мориња на Титан.
Од своето пристигање во 2004-та година, вселенското летало Касини истражи повеќе од 1.6 милиони квадратни километри од површината на Титан и откри дека скоро два проценти се покриени со течности. На северниот пол постојат три големи мориња опколени со бронји мали езерца и сите се наоѓаат во рамките на северната полутопка. Додека пак на јужната откриено е само едно поголемо езеро. Во врска со составот на овие течни површини почнавме да добиваме конкретни информации дури во 2014-тата, кога радарскиот инструмент на Касини откри дека второто најголемо море на Титан, Лигеиа Маре изобилува со метан.
Видео: Филмувана посета на двете најголеми мориња на Титан и околните езера. Извор: мисија Касини/НАСА.
Претходно, се очекување дека во езерото ќе доминира етанот, но со новото откритие може да се претпоставува дека количеството на метан се обновува со нови врнежи или пак, постои некоја причина поради која етанот исчезнува.
Можно е етанот да завршува во почвата под езерото или пак можеби преку некои канали се прелева во околното море Кракен Маре.
Со помош на неколку радарски опсервации и експеримент со кој во 2013 г. пуштија радио сигнали да се одбијат од Лигеиа Маре, научниците го детектираа и дното на ова море. Ова е прво мерење на длабочината на вонземско море и таа изнесува 160 метри (на најдлабоката точка).
Во атмосферата на Титан, азотот и метанот имаат реакции од кои излегуваат разни органски материи, од кои најтешките паѓаат на површината. Научниците сметаат дека дел од нив кога ќе дојдат до морињата се разложуваат во течен метан. Останатите состојки паѓаат на дното од водните површини. Понатаму, истражувањата укажуваат дека брегот околу Лигеиа Маре веројатно е порозен и поплавен од течни јаглеводороди.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: phys.org