Касини се подготвува за последното нурнување во атмосферата на Сатурн

0

Одбројувањето започна. Леталото на НАСА, Касини, веќе една декада орбитира околу Сатурн набљудувајќи ги неговите сателити, истражувајќи ги неговите прстени… За помалку од една година од сега, ќе започне неговиот завршен танц, серија од опасни маневри кои треба да обезбедат слики од Сатурн кои не биле видени досега. Сето тоа ќе заврши со уривање на леталото во атмосферата на Сатурн.

Програмата наречена Големото финале излезе во јавноста за првпат на European Geophysical Union meeting, на 20ти април во Виена. Планот е таа да почне наредната година со шестмесечно проучување на F–прстенот (најнадворешниот прстен), по што ќе следат 12 блиски прелетувања на Титан, за да се заврши со најавантуристичката мисија досега. Од април до септември 2017 г. Касини ќе се „нурне“ 22 пати во подрачјето меѓу највнатрешниот прстен и Сатурн. Тоа е место каде што ниедно летало не било досега.

Стари мистерии

Научната придобивка ќе биде огромна. Летањето на 64 000 километри од центарот на планетата ќе овозможи податоци кои досега не биле достапни, можеби ќе реши некоја од мистериите поврзани за него. Тука спаѓаат точната должина на неговиот ден, агрегатната состојба на јадрото, климата, магнетните полиња, гравитација и за првпат можеби ќе дознаеме стапката на ротација. Касини ќе ја мери и радијацијата во различни подрачја, а за првпат ќе се обиде да ја добие и масата на прстените, мерејќи ја нивната гравитација. Оваа последна загатка може да покаже кога се формирале прстените, дали на почетокот на формирањето на Сончевиот систем или многу подоцна. Сето тоа може да ни открие нешто и за формирањето на планетите. А ќе има и слики од внатрешниот D-прстен, и тоа во највисока резолуција досега.

Авантуристичко спуштање

Од гледна точка на опасност, единствена мисија со која може да ја споредиме оваа е онаа од 2008 година, кога Касини прелета низ огромни облаци од топла пареа на 100 километри од површината на Енцелад. Но тогаш се исплатеше бидејќи тие прелетувања и хемиската анализа на пареата покажаа дека на Енцелад има солен океан со органски материјал и хидротермален систем, што е предуслов за постоење на живот.

Иронично, но токму тоа е причината зошто Касини мора да умре. По една деценија орбитирање и две продолжувања на мисијата, на Касини не му остана гориво за враќање.

Касини ќе изгори во атмосферата на Сатурн за да се заштитат Енцелад и Титан, двата света на кои има потенцијал за живот. Тоа е одлуката на НАСА, за да се избегне ризикот од судар доколку Касини остане во орбита околу Сатурн.

Сентиментално збогување

Има нешто романтично во замислата Касини да замине засекогаш. Утеха е помислата дека атомите на Сатурн кои се таму отсекогаш, ќе се измешаат со нешто земско. Кога ќе дојде моментот и сигналот ќе запре, тимот од Jet Propulsion Laboratory ќе му оддаде почит со молчење на леталото со кое работеа од 1990 година. Секако ќе биде тажен ден, но Касини постигна толку многу во изминатите години, што збогувањето ќе биде мешавина од тага и гордост.

Превод: Милан Велков

Извор: New Scientist

Сподели.