Формирањето на Месечината било подраматично од тоа што мислевмe

0

Месечината веројатно се создала кога Земјата се судрила со објект со големина на Марс, при што од материјалот кој се издвоил се создал нашиот единствен сателит. Ова е познато веќе неколку декади, но деталите беа мистерија. Сега откриен е можеби клучниот доказ што ќе покаже што точно се случувало.

Интернационален тим од истражувачи предводени од проф. Ed Young од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес направија споредба на нивоата на кислород во примероци од карпи од Земјата и од Месечината. Излезе дека тие воопшто не се разликуваат, што значи дека сударот бил толку силен што довело до мешање на материјалот. Резултатите од истражувањето може да ги погледнете во Science.

Пред околу 4,5 милијарди години голем објект наречен Theia (мајка на Месечината во грчката митологија) се судрила со Земјата и тоа како доста насилен директен судар, а не како што порано се мислеше – само краток контакт под агол.

Иако сите небесни тела во Сончевиот систем се формирани приближно во исто време и од ист материјал, секое од нив има субтилни разлики во составот. На пример, сите тела имаат отпечаток во вид на нивен сопствен типичен кислороден изотоп, што всушност и се користи за идентификација на потеклото на карпи на Земјата, дали се тие од нашата планета или од Марс.

Ова е важно за дефинирање на природата на Theia. Кога две тела ќе се судрат, во зависност од тоа како ќе се случи ударот, ќе настане различно мешање на материјалот. Тоа значи дека ако најдеме различни изотопи на камења од Месечината односно Земјата, ударот не бил сериозен и најголем дел од материјалот на објектот кој удрил во Земјата, завршил во денешната Месечина.

Почетната точка на истражувањето беше една студија од минатата година, која покажа мала разлика меѓу составот на карпите на Месечината и Земјата. Тие биле измерени со нов инструмент кој е крајно прецизен и кој ја потврдил неконтаминираноста на примероците.

Но сегашните мерења покажуваат дека нема разлика меѓу составот на карпите на двете небесни тела! Дали сепак Месечината настанала како резултат на страшен судар полн со енергија? Како и да е, ова се очекува да придонесе во градењето на точниот модел за еволуцијата на системот Земја- Месечина.

Превод: Милан Велков

Извор: IFLS

Сподели.