Црните дупки детектирани од LIGO можеби се родени во една ѕвезда

0
Црните дупки детектирани од LIGO можеби се родени во една ѕвезда

На 14 септември, 2015 година, опсерваторијата LIGO детектираше гравитациски бранови од спојување на две црни дупки, прикажани на овој уметнички приказ.. Вселенскиот телескоп Ферми детектираше излив на гама зрачење, 0.4 секунди подоцна. Ново истражување предлага дека изливот се случил бидејќи двете црни дупки живееле и умреле во рамките на единствена, масивна ѕвезда. Заслуга: Swinburne Astronomy Productions

На 14 септември, 2015 година, опсерваторијата LIGO детектираше гравитациски бранови од спојување на две црни дупки со маси 29 и 36 Сончеви маси. За таков настан се очекува да биде темен, но Вселенскиот телескоп Ферми детектираше излив на гама зраци само дел од секунда подоцна од LIGO сигналот. Ново истражување предлага дека двете црни дупки можеби се наоѓале во единствена, масивна ѕвезда, чија смрт го генерирала изливот на гама зрачење.

Вообичаено, кога масивна ѕвезда го достигнува крајот на својот живот, нејзиното јадро колабира во единствена црна дупка. Но, доколку ѕвездата се движела премногу брзо, јадрото би можело да биде растегнато во форма на тег и поделено во две грутки, секоја од нив формирајќи црна дупка.

Многу масивна ѕвезда, каква што би била потребна во ваков случај, често би се формирала со спојување на две помали ѕвезди. И бидејќи ѕвездите би се вртеле една околу друга побрзо и побрзо како што се спојувале, резултантната ѕвезда од спојот би се очекувало да се движи многу брзо.

Откако се формирал парот од црни дупки, надворешната обвивка на ѕвездата била турната внатре кон нив. За да се случат два такви настани, како гравитациски бран и излив на гама зрачење, црните дупки морало да бидат родени блиску една до друга, со почетна раздалеченост од ред на големина на Земјата, и да се спојат во рамките на неколку минути. Новоформираната единствена црна дупка се хранела од материјата која паѓала во неа, секоја секунда впивајќи материјал со количина колку нашето Сонце, со што дошло до напојување на млазови од материја што биле исфрлени надвор и го креирале изливот.

Ферми го детектирал изливот околу 0.4 секунди по детекцијата на гравитациските бранови од страна на LIGO, и тоа од истата област на небото. Сепак, европскиот сателитет за гама-зрачење, INTEGRAL, не го потврдил сигналот. Доколку се детектираат повеќе изливи на гама зрачење од настани кои генерираат гравитациски бранови, тоа би понудило ветувачки нов метод за мерење на космички растојанија и мерење на ширењето на Универзумот. Со забележување на остатокот од зрачењето од излив на гама зрачење и мерење на црвеното поместување, а потоа споредувајќи го со независните мерења на растојание на LIGO, астрономите ќе можат прецизно да ги ограничат космолошките параметри. Астрофизичките црни дупки се многу поедноставни од останатите покажувачи на растојание, како супернови, бидејќи се комплетно дефинирани од нивната маса и спин.

Извор: Phys

Превод: Биљана Велинова

Сподели.