Европа и Русија во потрага по живот на Марс

0

Европа и Русија тргнуваат во нова авантура на Марс, во која ќе се обидат да спуштат летало, Скјапарели (Schiaparelli). Мисијата е наречена ЕгзоМарс 2016 (ExoMars 2016, или Егзобиологија на Марс), во која се предвидува со посебна сонда да се изврши анализа на атмосферските гасови на планетата, во потрага за потенцијални облици на живот.

Поради откажувањето на САД заради недостаток од финансии, Европската Вселенска агенција (ЕСА) склучи договор за мисијата со руската агенција Роскосмос.

По неколкуте неуспешни обиди во последните неколку години, мисијата ЕгзоМарс 2016 во понеделник тргнува од космодромот Бајконур во Казахстан. Целта на мисијата ќе биде проверка на технологијата за влез во атмосферата на Марс, различните етапи на кочења и спуштења на самата површина на планетата.

Мисијата ЕгзоМарс 2016 е составена од сондата „Трејс Гас Орбитер“ (Trace Gas Orbiter) и модулот за „влез, спуштање и атерирање“ и во Вселената ќе биде однесена со рускиот носач од типот „Протон“. Леталото го добило името според италијанскиот астроном од 19 век, Џовани Скјапарели.

Доколку сè помине во најдобар ред, по патувањето од 7 месеци и поминати 496 милиони км., модулот за „влез, спуштање и атерирање“ ќе се одвои од сондата на 16 октомври, а по три дена треба да се спушти на црвената планета.

Сложената мисија Скјапарели

Сондата „Трејс Гас Орбитер“ треба да направи детален опис на атмосферските гасови од Марс, со посебен осврт на ретките гасови, како метанот, што упатува на тоа дека постои негов активен извор, геолошки или биолошки.

На Земјата овој гас е присутен во 90% од биолошки извори и се создава во најголем дел од распаѓање на органските материи. Неговото потенцијално откривање на Марс, ќе покаже евунтуално моментен микрооргански живот на планетата. Метанот има ограничен век на траење. Во 2004 г. европската сонда Марс Експрес откри мали количини од овој гас на Марс.

Во меѓувреме, сондата по седмомесечно патување и одвојување од модулот треба да се спушти на 19 октомври, каде е планирано слетувачот на планетата да се задржи неколку дена. Сондата според планот треба да слета на Рамнината Меридијан (Meridiani Planum), слетувачкото место на американскиот робот „Опортјунити“ од 2004 г.

Сондата „Трејс Гас Орбитер“ ќе кружи во орбитата на Марс, а потоа ќе започне повеќекратна научна мисија. Сондата ќе послужи и како преносник на податоци за вторта мисија ЕгзоМарс 2018 г. во која на Марс треба да слета „ровер“, заедно со површинската платформа за која се задолжени Роскосмос и Институтот за истражување на Вселената на Руската Академија на науки. Тој ќе остане на едно место и ќе ја истражува површината на местото на слетување. Ќе биде опремен со многу сензори и инструменти.

ЕгзоМарс 2016 – нова европска ера во истражување на Марс

Роверот ќе се одвои од платформата и ќе патува по површината на Марс, во потрага за добро сочувани органски материјали, особено од раниот период на планетата.

Според еден од научниците на мисијата ЕгзоМарс 2016, пред 4 милијарди години површината на планетата многу наликувала на површината на Земјата во моментот кога на нашата планета се појавил живот.  Понатаму вели дека сондата „Трејс Гас Орбитер“ во текот на оваа мисија ќе послужи и како преносник на податоци на сондата и  Скјапарели. Во фаза се последните подготовки во Бајконур за лансирање во најповолното време.

Лансирањето на мисијата ЕгзоМарс 2016 според ЕСА, ќе ја најави новата Европска ера во истражувањето на Марс.

Буџетот за двете мисии на ЕгзоМарс во моментот изнесува 1.2 милијарди евра за период од 20 години (2002 – 2022) за Европа.

Превод: Петар Ивановски

Извор: B92

Сподели.