Кина планира да испрати сонда на темната страна на Месечината до 2018

0
Кина планира да испрати сонда на темната страна на Месечината до 2018

Далечната, темна страна на Месечината снимена од Аполо 16 во 1972. Извор: НАСА.

Луѓето праќаат сателити за истражување на Месечината уште од 1959 година. Во текот на сите овие истражувачки мисии, далечната, или уште позната како темна страна на нашиот сателит, останала недопрена од човекот, па и од нашите сателити. Кина најави дека ќе го промени ова најдоцна во текот на 2018 година, кога ќе го посети овој дел од Месечината со помош на сателитот Чанг’e-4 (Chang’e-4). Мисијата го носи името на кинеската митолошка божица на Месечината. Со овој сателит нема да биде испратен и човечки екипаж, а целта ќе биде посета и истражување на геологијата на оваа досега недопрена Mесечева површина.

Поради еднаквоста на ротацискиот период со орбитата оваа страна од Месечината никогаш не е насочена кон Земјата, но досега била неколку пати фотографирана од вселенските летала. Првите направени фотографии биле во далечната 1959 година, за време на мисијата Луна 3 на Советскиот Сојуз.

Досега не сме ја посетиле оваа скриена страна од сателитот поради тоа што клучните комуникациски сигнали до и од Земјата би биле блокирани. Ова значи дека за еден сателит да биде во контакт со Земјата треба да се испрати и сателит или летало во Месечевата орбита за да може успешно да се пренесуваат сигналите. Токму затоа и Кина е заинтересирана за изградба на база на тие делови бидејќи би била заштитена од константните радио зраци кои доаѓаат од Земјата, па така радио телескопот би добил можност за појасен поглед кон Универзумот.

Претседателот на Кина, Ши Јин Пинг го направи вселенското истражување главен приоритет на Кина, надевајќи се дека со ова ќе ја демонстрира нивната економска и технолошка развиеност и моќ. Досега, сите нивни мисии се многу слични на дел руските и американските потфати, но доколку Чанг’е 4 заврши успешно тие ќе си го заслужат статусот и местото како еден од главните вселенски истражувачи на глобално ниво.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.