Леталото Касини на крајот на октомври го направи своето последно прелетување на Енцелад, надевајќи се дека ќе помине низ неколку од многуте млазови, кои се верува дека потекнуваат од голем, потповршински океан. Резултатите од ова последно летање ќе бидат објавени по неколку денови, а можеби и недели. Ако се успешни, ова ќе бидат најдлабоките нурнувања во млазовите на овој сателит.
Прелетувањето е предвидено да се направи на само 50 километри од површината, со што би требало да бидат собрани доволно примероци. Касини има веќе успешно собрано примероци и истражувањето покажа дека јадрото на Енцелад е слично со она на примитивните метеорити. Исто така, возможно е океанот да биде поволен за живот на микроорганизми, кои го користат водородот како извор на енергија. Се очекува најновите истражувања да донесат многу повеќе информации за составот на океанот и можностите за живот.
Се смета дека потповршинскиот океан се загрева со помош влијанието на Сатурн и месечината Диона, преку процеси како плимата и осеката на Земјата. Така водата се исфрла на површината со температура од барем 90°C. Новите податоци од последната блиска посета на Касини ќе откријат повеќе информации за хидротермалните активности во океанот, благодарение на кои е можно да се создава водородот. Ова е мошне возбудливо со оглед на тоа што веќе знаеме дека животот на Земјата постои околу вакви хидротермални одводи. Понатаму, ќе бидат измерени и количествата на материја која се исфрла, како и обликот на млазовите.
Ова е најблиската средба на Касини со Енцелад до крајот на неговата мисија во 2017 година. Орбитира од 2004-тата и откако ќе снема гориво ќе се нурне во атмосферата на Сатурн. Предвидено е уште едно прелетување на околу 5000 километри оддалеченост, но понатаму ќе следуваат само летови со над 22.000 километри.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFL Science