НАСА смета дека мистеријата за светлите точки на Церера е решена

0

Веќе извесно време вселенското летало Зора (Dawn) ја следи џуџестата планета Церера во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер и испраќа прекрасни слики до Земјата, кои содржат извесни карактеристики што научниците се обидуваат да ги проучат. Едно од главните прашања е: Какви се тие бели, светли дамки во еден од кратерите на Церера?

Преку процес на елиминација, оваа мистерија е конечно решена. Можеби ова ќе звучи разочарувачки за многумина, меѓутоа се смета дека овие мистериозни дамки се најверојатно голема количина на сол.

Досега се појавија неколку можни објаснувања за овие дамки, кои варираат од научно издржани до бизарно смешни: мраз, водена пареа, ледени вулкани, па дури и предни светла на џиновски вселенски летала…

Церера веќе подолго време ја поттикнува љубопитноста на научниците и често се споредува со џиновскиот астероид Веста, кој по својата структура многу наликува на карпестите планети во Сончевиот Систем. Церера е дури и поголема од Веста, па затоа и се вбројува во категоријата „џуџести планети“. Сепак, Церера не е толку густа и има тенок слој на атмосфера, која содржи водена пареа. Научниците сметаат дека Церера може да биде ледено тело послично со најдалечните објекти во Сончевиот Систем, како што е Плутон.

На разочарување на сите оние кои мислеа дека Церера може да претставува вселенско летало во форма на планета чиишто предни светла можеме да ги видиме, главниот истражувач на Зора, Крис Расел, за време на Европскиот планетарен научен конгрес (ЕПСК) кој се одржа во понеделникот објави дека овие сјајни дамки се најверојатно огромни количества сол.

Истражувачите сè уште не знаат за каков вид на сол станува збор, но со сигурност тврдат дека не се работи за мраз. Досега најразумната претпоставка беше дека дамките се всушност мраз, ако се земе предвид големата можност дека на Церера има подземен океан.

Доколку се потврди присуството на соли во кратерот, тоа ќе значи дека Церера има динамична, активна површина. Според истражувачите на Зора, најверојатно овие соли се добиени од внатрешноста на замрзнатите карпести маси и некако успеале да се пробијат на површината.

Релевантно е ова откритие да се спореди со солената вода пронајдена на Марс. Присуството на водена пареа и сол на Церера, заедно со возбудливата можност оваа џуџеста планета да содржи повеќе слатка вода отколку нашата планета Земја, наговестува дека на Церера може да постои примитивна форма на живот. Но, мора да се напомене дека солената вода и на Марс и на Церера не гарантира дека со сигурност постои живот на нив, но во суви услови на Земјата во кои се забележува присуство на солена вода, како пустината Атакама, често се среќаваат микроби.

Подолу, може да го проследите обраќањето на Крис Расел во кое тој ги открива новите наоди.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: IFL Science

Сподели.