Забелeжано е спојување на две супермасивни црни дупки

0
Забележано е спојување на две супермасивни црни дупки

Уметнички приказ на гравитациски танц на црни дупки. Заслуги: НАСА

Се верува дека повеќето галаксии во Универзумот имаат црна дупка во нивниот центар, вклучувајќи го и Млечниот пат. Повремено се случува две галаксии да се доближат на толку мало растојание една од друга, што може да дојде до меѓусебно спојување.

Астрономите од универзитетот во Мериленд набљудувале редок случај во кој две супермасивни црни дупки орбитираат една околу друга. Тие веруваат дека набљудуваат црни дупки кои се наоѓаат на најблиско меѓусебно растојание забележано досега.

Веројатноста за спојување на супермасивни црни дупки станува порелевантна со постоењето на пулсирачки квазар помеѓу галаксиите. Црните дупки како резултат на својата огромна маса и гравитацска сила проголтуваат сè што ќе им се најде на патот. Квазарите се појавуваат од неверојатната топлина и забрзување при спојувањето на две црни дупки.

Квазарот во овој случај се осветлува и замаглува, не за период од неколку секунди, туку за период од 542 дена (време кое поминува помеѓу најсветлиот луминозитет на квазарот до најтемниот и повторно до најсветлиот луминозитет). Се проценува дека овој квазар се наоѓа до црна дупка со маса 10 милијарди пати поголема од масата на нашето Сонце.

Според астрономот Тингтинг Лиу (Tingting Liu) откритието на овој кандидат за бинарен систем од супермасивни црни дупки кои се наоѓаат на толку мала меѓусебна оддалеченост ни помага да ги разбереме крајните фази на спојување на две црни дупки.

Членовите на овој бинарен систем од црни дупки се меѓусебно гравитациски врзани, што можеби ќе ни овозможи интересни набљудувања во иднина. Истражувачите се надеваат дека најпосле ќе се обрне повеќе внимание на овој проблем, бидејќи крајните фази на спојувањето на црни дупки се сè уште непознати и теоретските модели се соочуваат со проблем при обидите да го предвидат ефектот и изгледот на овој космички настан.

Се претпоставува дека црните дупки можат да дојдат толку блиску една до друга при што ќе емитуваат гравитациски бранови, предвидени со Ајнштајновата општа теорија на релативност. Но сè уште не се откриени гравитациски бранови во простор-времето кои би го нарушиле патот на светлината минувајќи низ Универзумот, како што е светлината емитувана од квазарот. Набљудувањата на овој епски судир на галаксии може да обезбеди вредни податоци за понатамошни истражувања, со цел добивање на нови информации за најмистериознаите и највеличенствените објекти во Вселената – супермасивните црни дупки.

Превод: Дарија Велкова

Извор: IFLS

Сподели.