Стигаме до Плутон за 9 дена

0

Сондата Нови хоризонти (New Horizons) е на само 9 дена (14 јули) до историскиот премин во близина на џуџестата планета Плутон, на 3 милијарди километри во влезот на најнепознатиот дел од Сончевиот систем – Кајперовиот појас. На 3-ти јули контролата на мисијата успешно ги постави командите кои треба да се извршат при прелетот на само 12.550 километри од површината на планетата.

Стигаме до Плутон за 9 дена

Анимација од Плутон заедно со неговата најголема месечина Харон

Во исто време како што наближува сондата фотографиите што ги добиваме од Плутон се сè подобри и подобри. Веќе има фотографии и во вистинска боја, онаа боја во која вие би го гледале Плутон ако се наоѓате во негова близина. Плутон е црвеникаво-кафен свет, по боја налик на Марс, но иако се слични во бојата таа воопшто не доаѓа од железо-оксидот како што е на Марс туку веројатно од хидрокарбонатни молекули кои се формираат кога космичкото зрачење и сончевото ултравиолетово зрачење ќе дојдат во контакт со метанот во атмосферата и површината на Плутон. При овој сложен процес се добиваат комплексните соединенија наречени толини (Тholins), а што е поинтересно при скорешните мерења со инструментите на Нови хоризонти се заблежува дека креирањето на овие соединенија не е само на осветлената страна на Плутон, туку и на ноќната. Ноќната страна на Плутон во зима може да биде и неосветлена и со декади, но сепак, се забележани толините. Месечината на Сатурн, Титан, и месечината на Нептун, Тритон, исто така имаат толини, кои беа потврдени и со лабораториски експерименти рекреирајќи ја нивната атмосфера.

Уште една интересна работа што ги интригира научниците се темните региони кои скоро еднакво се распределени по екваторијалниот регион на Плутон. Секој од овие темни делови е околу 450 км во должина. Како што Нови хоризонти ќе се приближува кон Плутон сè појасно ќе може да ги забележиме овие делови и да се направат поточни проценки како настанале. Дури и на овие резолуции Плутон не е како никое друго тело во Сончевиот систем кое сме го посетиле. Забележани се големи разлики во албедото (количината на рефлектирана светлина која едно тело ја оддава во даден момент) како кај Плутон, така и кај неговата најголема месечина Харон. Кај Харон интересно е да се каже дека фотографиите покажуваат дека еден од половите му е темен. Скоро сите тела во Сончевиот систем имаат бели полови. Исто така, бојата на Харон се разликува од таа на Плутон и е сивкаста, и ова ќе биде база на истражување за да се види зошто овие блиско поврзани тела толку се разликуваат едни од други.

На 14-ти јули, кога сондата ќе биде најблиску до Плутоновиот систем , фотографиите што ќе се направат ќе бидат со резолуција од околу 400 метри по пиксел. Со цел сите планираните истражувања и фотографии да се случат, Нови хоризонти треба да погоди прозорец широк 90 на 140 километри низ кој ќе пролета со брзина од околу 48.000 км/ч. За време на прелетот сондата во целост ќе биде фокусирана на извршување наука, и нема да комуницира со Земјата. Првите фотографии одблиску ќе ги видиме дури со задоцнување од 1 ден, затоа што за да стигнат со брзина на светлината им се потребни повеќе од 5 часа до Земјата. Вкупните собрани податоци од лететот ќе стигаат до Земјата во рок од 16 месеци.

Погледот на Плутон со помош на инструментите на Нови Хоризонти, и реалната боја со која би можеле да го видиме.

Погледот на Плутон со помош на инструментите на Нови хоризонти, и реалната боја со која би можеле да го видиме.

Превод: Мартин Стојановски

Извор: AmericaSpace

Сподели.