Земјата и Марс можеби споделувале зачетоци на живот

0
Земјата и Марс можеби споделувале зачетоци на живот

Натали Каброл собира примероци во езерото Ликанкабур во кратер на вулкан со цел да дознаат како би опстанал животот на Марс при влошување на условите на црвената планета. Заслуги: Проектот „Високи езера“ – Центарот Карл Саган, Институтот SETI/NASA Ames/ NAI

Може ли Марс, од сите места, да биде местото каде би го барале почетокот на живот на Земјата?

Оваа интригантна мисла е сериозно разгледувана од страна на астробиолозите, земајќи ги предвид условите во раните денови на Сончевиот систем, кога двете планети доживувале чести удари од астероиди и комети кои резултирале во размена на остатоци помеѓу двете тела.

„Можеби ќе имаме можност да пронајдеме докази за нашето потекло на најневеројатното место, а тоа место е Марс,“ рече Натали Каброл, планетарен научник на институтот SETI, во TED говор во април 2015.

Каброл проучува живот во екстремни услови на Земјата, со надеж дека нејзините истражувања може да помогнат во унапредување на потрагата по знаци на живот на Црвената планета. „Ние може да одиме на Марс за да се обидеме да најдеме траги од нашето потекло. Тој можеби ја крие таа тајна од нас,“ вели таа. „Токму затоа Марс е посебен.“

Фрлање камења

Марс орбитира на 225 милиони километри од Земјата и има слична големина и состав. Во периодот на Доцното тешко бомбардирање, пред околу 3.8 до 4 милијарди години, планетите биле непрекинато удирани од астероиди и комети, кои можеби ја донеле водата во повеќето океани на Земјата. Земјата и Марс биле, на некој начин, поврзани меѓусебно од насилството на оваа ера.

„Земјата и Марс постојано си фрлале камења меѓу себе долг временски период“, вели Каброл.

Ако се родил живот на една планета, би можел да се залепи на едно или повеќе од овие примероци и да патува до другата планета – процес кој научниците го нарекуваат панспермија. Но доколку раниот живот од Земјата успеал да стигне до Марс, би му било потребно гостопримливо пристигнување.

Денес планетата е мрачна и неплодна, налик најпустите пустини на Земјата. Со ретката атмосфера и речиси целосно безводна површина, секој живот кој пристигнал до Марс, би било тешко да издржи денес. Но во минатото, кога летале голем број на карпи, Марс веројатно имал попогодна средина.

„Во времето кога животот се појавил на Земјата, Марс имал океани, вулкани, езера и делти,“ вели Каброл. Сепак, за разлика од Земјата, Црвената планета брзо ја загубила погодноста за живот.

Бидејќи Марс нема заштитно магнетно поле, Сончевиот ветер ја соголел неговата атмосфера и ја изложил површината на бомбардирање од космички зраци и ултравиолетова светлина. Поголемиот дел од водата ја напуштила површината, одејќи во Вселената. Само мало количество останало на површината денес, на половите, додека дел од водата можеби демне под површината.

„Денес не е возможен живот на површината на Марс, но тој можеби сè уште се крие подземно,“ вели Каброл.

Временска машина

Роверот Кјуриосити идентификувал физичко-хемиски изменет камен сличен на оние кои може да се најдат во делтите каде речниот седимент се наталожил на дното на езерото. Доколку езерата постоеле доволно долго, би можеле да бидат дом за микробски живот во раните денови на Марс. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/MSSS

На научниците им е потребен начин да погледнат во минатото на Марс за да разберат што би можел да направи животот кога ситуацијата на планетата станала помрачна.

Денес, Каброл ја користи Земјата како нејзина временска машина, патувајќи во региони кои наликуваат на Црвената планета во нејзиното минато.

Еден од овие региони лежи на врвот на Андите во Чиле. Вулкански езера го исполнуваат конусот на вулканот, правејќи уникатна аналогија на Марс. Регионот се наоѓа на височина од 5.872 километри, каде УВ зраците полесно ја пробиваат тенката атмосфера. „На оваа височина, ова езеро ги има истите услови како оние на Марс пред 3.5 милијарди години,“ вели Каброл.

Каброл и нејзиниот тим нурнале во внатрешноста на едно вакво езеро и пронашле дека животот е апсолутно насекаде. Сепак количеството на живот во езерото може да залажува. Според Каброл, 36 проценти од примероците собрани од нејзиниот тим се составени од само три вида, типични за смртоносната средина.

„Постои огромна загуба на биодиверзитет,“ вели таа. „Тие три вида се единствените кои преживеале досега.“ Ако постои живот на Марс, многу веројатно е дека недостасува биодиверзитет. Само најспособните микроби би можеле да го преживеат падот на планетата.

Во друго блиско езеро, слични услови ги натерале алгите внатре да се адаптираат, давајќи ѝ на водата црвеникава боја. На Земјата, УВ индекс со вредност 11, кој обезбедува прогноза за очекуваниот ризик од прекумерна изложеност на Сончева ултравиолетова радијација, се смета за екстремен. За време на УВ бури, УВ индексот во ова езеро (Агуас Калиентес) може да достигне до 43, највисоко ниво на УВ радијација измерено на Земјата. Водата е толку чиста што алгите нема каде да се кријат од смртоносната радијација па морале да најдат други начини да се заштитат. „Тие развиваат сопствена заштита од Сонце,“ вели Каброл, „тоа е црвената боја што ја гледаме.“

Додека езерата ни даваат увид за што можело да се случи на Марс во минатото, не нудат одговор за што би можело да се случи на организмите на планетата кога веќе не постоеле басени во кои може да се скријат.

Езерото Ликанкабур лежи на врвот на Планините Анди, каде ниското ниво на кислород, редок воздух и висока ултравиолетова радијација создаваат услови слични на оние на Марс во далечното минато. Заслуга: Проектот „Високи езера“: Карл Саган Центар, SETI Институт/NASA Ames/NAI

„Кога нема повеќе вода на површината, микробите немаат друго решение освен да одат под земја,“ вели Каброл.

Нејзиниот тим исто така истражувал микроби кои бараат засолниште од Сончевата радијација. Каброл покажа слики од полу-проѕирни камења со микроби кои се кријат на долната страна, додека сè уште примаат добар дел од Сончевата енергија. Проучувањето на овие организми може да им помогне на научниците во потрагата по живот на Марс со ровери како Кјуриосити.

„Доколку постоел живот на Марс пред три и пол милијарди години, морал да ја користи истата стратегија за да се заштити себеси,“ вели Каброл.

Црвената боја на Агуас Калиентес доаѓа од алги, кои морале да создадат своја заштита од суровата ултравиолетова радијација која доаѓа од Сонцето. Заслуга: Проектот „Високи езера“: Карл Саган Центар, SETI Институт/NASA Ames/NAI

Нашето наследство

Марс не е единственото место во Сончевиот систем каде што животот би можел да напредува. Научниците сметаат дека можно е да постои потповршински океан на Јупитеровите месечини Европа и Ганимед, како и на месечините на Сатурн, Титан и Енцелад. Каброл развива научно-истражувачки стратегии за овие ледени месечини, каде би можеле да се развијат микроби.

„Марс и Земјата може да имаат заеднички корени во нивното дрво на живот, но кога одиме понатаму, тоа не е така лесно“, вели Каброл. „Доколку пронајдеме живот на останатите планети (и месечини), тој би бил различен од нас.“

Вонземски живот во форма на микроби, доколку се пронајде, можеби нема да води до размена на интелигенција, но примитивниот живот сепак може да одговори прашања за постоењето на животот, вели Каброл.

Оваа илустрација отсликува езеро од вода кое делумно го исполнува кратерот Гејл (Gale) на Марс, собирајќи истек од снег кој се топи на северниот раб. Доколку би траеле доволно долго, вакви езера би можеле да служат како засолниште за микробски живот на Марс. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/ESA/DLR/FU Berlin/MSSS

„Органскиот материјал говори за околината, комплексноста и разновидноста. ДНК, или било кој носител на информација, говори за адаптација, еволуција, опстанок, за планетарна промена, и за пренос на информација,“ вели таа. „Сите заедно ни кажуваат зошто тоа што почнало како микробски живот некогаш се развива во цивилизација или некогаш завршува во ќорсокак.“

Во рамките на нашиот Сончев систем, овие прашања може да бидат одговорени во не така далечна иднина. „Ова може да биде постигнато од нашата генерација,“ вели Каброл. „Ова може да биде нашето наследство, но само ако се осмелиме да истражуваме.“

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys.org

Сподели.