Институтот наменет за потрага по вонземски живот во Вселената е преименуван во чест на астрофизичарот и популаризатор на науката, Карл Саган.
Институтот за „Бледи сини точки“ на Корнел Универзитетот е преименуван во Институт „Карл Саган: Бледата сина точка и пошироко“ (Carl Sagan: The Pale Blue Dot & Beyond) во чест на наследството на Карл Саган (Carl Sagan). На свеченото отварање на институтот одржан на 9 мај на Корнел, сопругата на Саган и чест соработник на институтот, Ан Друјан (Ann Druyan), го откри новото име на институтот.
Саган беше член на Корнел од 1968 година. Тој беше професор по астрономија и вселенски науки и директор на Лабораторијата за планетарни истражувања на Универзитетот Корнел до неговата смрт во 1996 година.
Институтот беше основан со цел да заземе интердисциплинарен пристап во потрагата по вонземски живот, според Калтенегер, директорка на институтот. Според изјава од Корнел, истражувачите кои веќе се приклучиле на институтот имаат искуство во астрофизика, инженерство, геологија, биологија, итн.
„Ние вовлекуваме сè внатре. Носиме голем број на многу интелигентни луѓе на едно место да се справат со едно сеопфатно прашање: живот на други планети, во нашиот Сончев систем и надвор од него – како може да го детектираме?“ вели Калтенегер. „Институтот е во основа како чадор што го олеснува тоа, така што тие луѓе можат да работат заедно.“
Во моментов, институтот финансира мала група на студенти на додипломски студии и дипломирани студенти, како и постдокторски истражувачи. Членови на факултетот кои припаѓаат на институтот веќе имаат утврдени позиции на Корнел. Калтенегер вели дека во план е да се прошират средствата на институтот и да се донесат членови од други институции.
Институтот веќе има подготвено „каталог на бои“ кој може да помогне во потрагата по знаци на живот на други планети. Планета во која доминираат одреден тип на растенија или микроорганизми може да има посебна боја којашто научниците потенцијално би можеле да ја набљудуваат. (Земјата, на пример, би имала зелена боја бидејќи е главно покриена од зелени растенија.) Каталогот содржи спектар од повеќе од 100 различни форми на живот и е прв каталог од овој вид, според Калтенегер.
Фразата „бледа сина точка“ се однесува на изгледот на Земјата оддалеку. Потекнува од фотографија од Земјата направена на 14 февруари 1990 година, од страна на сондата Војаџер 1, од далечина од околу 5.95 милијарди километри од Земјата. Саган подоцна ја популаризираше оваа фраза со неговата книга „Бледа сина точка: Визија за човековата иднина во Вселената“ (1994).
Превод: Биљана Велинова
Извор: Space