Има ли Ресенчани на Марс?

0

Отсекогаш човештвото го фасцинирала идејата за мали зелени човечиња од Марс, дотолку што честопати кога мислиме на вонземјани, го користиме зборот Марсовци. Причината е едноставна, ако ја видите површината на Марс, наместа навистина наликува на Земјата, на места со кањони низ кои некогаш течела вода.

На површината на Марс има илјадници кратери. Тие се важни затоа што преку нивната застапеност може да се дознае староста на површината на Марс. Колку што е постара, толку повеќе таа содржи кратери. Нивната форма пак ни укажува на присуството на мраз на површината.

Но, не сите кратери имаат имиња. На поголемите од нив им се дадени имиња од значајни научници или писатели на научна фантастика, а помалечките кратери (помали од 60 километри во дијаметар) се именувани по градови од нашата планета. Кратерите не може да добијат име на личност што е сè уште жива. Впрочем имињата на малечките кратери не се наменети да ги слават тие градови, туку се всушност имиња добиени по случаен избор на извлекување. Направени се неколку исклучоци за кратери кои се во близина на зони на слетување.

Ако ова не беше случај, акo на пример кратерите се именуваа по нешто карактеристично за нив, тогаш со сигурност ќе можеше да кажеме дека на Марс има многу вкусни јаболка! 🙂 Имено, малку познат факт е дека еден кратер го носи името на малиот македонски град Ресен, за нас познат по највкусните јаболка или па можеби по Ресаните. 😀

Ресен е кратер во Mare Tyrrhenum quadrangle (Четириаголникот Тиренско море) именуван во 2011 година. Tука треба да напоменеме дека бидејќи Марс е небесно тело надвор од планетата Земја, за координати наместо географска ширина и должина се користат термините ареографска ширина и должина, соодветно. Во зависност од името на божеството по кое планетата го добила името, овие називи се различни за сите планети. Ареографската ширина и должина се дадени како планетографски координати со западна ареографска должина.

Има ли Ресенчани на Марс?

Кратерот Ресен, сликан од камерата CTX (на Mars Reconnaissance Orbiter)

Ареографската ширина на Ресен е -27.943° и должина 108.862°. [прочитајте повеќе и  погледнете ја мапата тука]

Дијаметарот на кратерот од 7.4 км e за некој километар поголем од нашиот Ресен. Некои делови од него се составени од голем број на јами распоредени во непосредна близина една до друга. Јамите покажуваат мали или воопшто не покажуваат никакви докази за рабови или исфрлен материјал околу нив. Tие се толку многу блиску една до друга што соседните јами неретко делат една иста страна.

Kратерот Ресен сликан од CTX камерата ( на Mars Reconnaissence Orbiter). На сликата покрај тоа што е видлива исфрлена материја, се гледаат и малечките јами на дното на кратерот

Јами на дното на Кратерот Ресен, сликани од HiRISE. Јамите се создадени кога ударот создава топлина од која испарува мразот кој што се наоѓал на површината

Текст: Марија Стојановска

Сподели.