Хабл набљудува уникатна ѕвезда наречена Nasty

0

Користејки гo вселенскиот телескоп Хабл (Hubble), астрономите открија нови информации за една ѕвезда која старее многу брзо и чие однесување не е никогаш забележано на друго место надвор од Млечниот пат. Всушност, оваа ѕвезда е толку чудна, што ја астрономите ја нарекле Nasty 1 (Nasty – нешто многу непријатно) поради нејзиното име во каталогот – NaSt1. Ѕвездата може да претставува краток транзициски стадиум во еволуцијата на екстремно масивните ѕвезди.

Првпат откриена пред десетина години, Nasty 1 е идентификувана како Волф-Рајетова ѕвезда (Wolf-Rayet star), ѕвезда која брзо се врти околу својата оска и е многу помасивна од нашето Сонце. Ѕвездата ги губи своите надворешни слоеви полни со водород, брзо откривајќи го нејзиното внатрешно супер-врело и екстремно светло јадро од хелиум.

Но, Nasty 1 не е типична Волф-Рајетова ѕвезда. Користејки го телескопот Хабл, астрномите очекувале да видат два млаза на гас кои излегуваат надвор од ѕвездата на спротивни страни, но наместо тоа откриле диск од гас околу ѕвездата. Големиот диск е околу 3 милијарди километри широк и можеби се формирал од друга ѕвезда-придружник, која ја презела материјата од надворешните слоеви на ново-формираниот Волф-Рајет. Спроед сегашните претпоставки, маглината околу ѕвездите е само неколку илјадници години стара и оддалечена 3000 светлински години од Земјата.

Астрономите биле возбудени при откритието на дискот поради можноста да Волф-Рајетова ѕвезда е создадена од интеракцијата во двоен ѕвезден систем. Во нашата галаксија има само неколку примери за овој процес бидејки оваа фаза е многу кратка и трае само неколку стотици илјади години, додека создадениот диск би бил видлив само неколку десетици илјади години или помалку.

Во предложеното сценарио, масивна ѕвезда ротира многу брзо и како што почнува да ѝ снемува водород, се надувува. Нејзината надворешна водородна обвивка станува послабо врзана и ранлива на гравитациски влијанија од друга ѕвезда придружник која може да ја земе од првата ѕвезда. Во тој процес втората ѕвезда ќе добие маса, а првата ќе ја изгуби својата водородна обвивка откривајќи го нејзиното хелиумово јадро додека станува Волф-Рајетова ѕвезда.

Друг начин на нивно формирање е кога масивна ѕвезда ја исфрла својата водородна обвивка во силен сончев ветер полн со наелектризирани честички. Теоријата на настанување во двоен систем станува попопуларна бидејќи околу 70% од масивните ѕвезди се дел од двоен систем.

Натан Смит, од Универзитетот на Аризона во Тусон, вели дека е тешко да се создадат Волф-Рајетови ѕвезди според традиционалниот модел, кога ѕвездата сама ја исфрла водородната обвивка поради тоа што губитокот на маса не е толку голем како што се мислело претходно.

Трансферот на маса во бинарните системи е клучен за Волф-Рајетовите ѕвезди и пронаоѓањето на двоен систем во оваа краткотрајна фаза би ни помогнало многу во разбирање на процесот.

Но, трансферот на маса не е целосно ефективен, па дел од материјата која се пренесува може да се истури во гравитациската борба на двете ѕвезди и да создаде диск околу двојниот систем. Се претпоставува дека ова се случило кај Nasty 1. Веројатно е дека Волф-Рајетова ѕвезда постои внатре во маглината, а таа се создава од трансферот на маса.

Поради позиционираноста на системот во облаци од гас и прав, тој е многу тешко видлив и не може да се измери ниту големината на ѕвездите, ниту растојанието меѓу нив.

Трансферот на маса ќе заврши кога Волф-Рајетовата ѕвезда ќе остане без маса кој може да ја оддаде, па евентуално гасот во дискот ќе се расее и ќе имаме чист поглед на двојниот систем.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Phys

Сподели.