Класичниот проблем во науката, колку е потребно за да се помине низ центарот на Земјата, сега има нов одговор и тој е 4 минути пократок од претходниот.
Уште одамна, студентите по физика го добиваат предизвикот да пресметаат колку е потребно за да се помине низ дупка која води низ центарот на Земјата, доколку не би имало отпор на воздухот. Овој подвиг носи два неверојатни аспекти.
Првиот аспект е дека се потребни само 42 минути! Тоа е всушност побрзо од времето кое би ѝ требало на Меѓународната вселенска станица да ја обиколи планетата. Вториот, пак, е дека не мора да се оди низ оваа дупка. Доколку ископате дупка од било каде до било каде на Земјата (сè додека не сте премногу блиску за локалните варијации да не бидат безначајни) патувањето ќе трае 42 минути. Намалувањето во растојанието ќе биде компензирано со намалување на забрзувањето, поради тоа што падот нема да биде вертикален.
Секако не треба да се заборави дека не постои опрема што би можела да направи ваква дупка, како и дека секој кој би дошол до одредена длабочина, би бил изгорен од огромните температури кои владеат во внатрешноста на Земјата. Инаку, идејата за тунел кој ќе поврзува два градови (Њу Јорк и Лос Анџелес) веќе постоеше. Од тој тунел би се извадил целиот воздух, па возилата би биле пуштени да паѓаат додека не достигнат одредено забрзување, а потоа под дејство на гравитацијата би забавиле.
Но, сега во најновите истражувања овие пресметки се покажале како погрешни! Истражувањето на студентот Александар Клоц (Alexander Klotz) од универзитетот Мекгил, кое е објавено во „The American Journal of Physics“ започнува со фактот дека планетата не е униформна во својата густина. Поради тоа постојат и големи разлики во локалната гравитација. Од многумина е превиден и фактот дека јадрото е многупати погусто од кората. Како и да е, Клоц отишол многу подалеку од сите досега, употребувајќи сеизмички податоци за правење на модели за варијациите во густината.
Ако некој сака да стигне од едниот на другиот пол поминувајќи низ центарот на Земјата, ќе му требаат само 38 минути, одразувајќи ја големата привлечна сила на јадрото. Од друга страна 42 минути сè уште е репер за релација меѓу две блиски точки. Значи времето потребно да се патува меѓу две точки, повеќе не е независно од растојанието. Тоа варира меѓу 38 и 42 минути.
Уште еден многу интересен факт: праволиниското патување е можеби најкраткото, но не е секогаш и најбрзото. Всушност, при патување од една до друга точка кои не се спротивни, најбрзиот пат ќе биде оној кој ќе има најголема длабочина ( тој што ќе помине најблиску до јадрото ). Ова е битен факт, ако патувате од Њу Јорк до Токио и ви требаат тие 4 минути.
Превод: Милан Велков
Извор: IFL Science