НАСА: „Ќе пронајдеме вонземски живот во следните 10-20 години“

0

Дали сме сами во Универзумот? Врвни научници од НАСА велат дека одговорот на ова прашање скоро сигурно гласи „не.“

„Верувам дека ќе имаме силни знаци на живот надвор од Земјата во следната декада, како и конечни докази во следните 10 до 20 години“, изјавува Елен Стофан (Ellen Stofan), една од научниците на Националната администрација за аеронаутика и Вселена (NASA). „Знаеме каде да бараме, знаеме како, а во најголем дел од случаите ја имаме и потребната технологија.“

Џефри Њумарк (Jeffery Newmark), директор за хелиофизика во агенцијата, го вели следното: „Дефинитивно не е прашање на ако, туку на кога.“ Сепак, доколку низ глава ви се вртат визии за инвазии на вонземјани, можете слободно да ги тргнете на страна. „Не зборуваме за минијатурни зелени луѓе“ – тврди Стофан – „туку за мали микроби.“

Во тек на едночасовна презентација, предводниците на НАСА опишуваат наплив на скорешни откритија кои укажуваат дека сме поблиску до разбирање на тоа каде би можеле да пронајдеме живот во Сончевиот систем и подалеку. На пример, Џим Грин (Jim Green), директор за планетарна наука во НАСА, прикажува истражување кое ја анализира атмосферата над поларните ледени капи на Марс. Се покажува дека 50 проценти од северната хемисфера на планетата некогаш имала океани длабоки до 1.6 километри, како и дека биле полни со вода прилично долго – до 1.2 милијарди години. „Сметаме дека толку долг временски период е доволен за животот да стане покомплексен,“ тврди Стофан. Таа додава дека доколку би можеле да се однесат геолози и астробиолози на Марс, веројатноста за пронаоѓање фосили од минатиот живот на нашиот најблизок планетарен сосед значително би се зголемила.

Грин, исто така, опишува друго поново истражување кое ги користи мерките на аурората на Јупитеровата месечина Ганимед за да докаже дека под неговата замрзната кора се наоѓа огромен течен океан. Ова ги доведува во прашање претходните идеи за пронаоѓање на „зони погодни на живот“, кои можеби се премногу ограничувачки. Инаку, за едно тело се смета дека се наоѓа во ваква зона кога температурите не се ниту превисоки, ниту прениски за на неговата површина да постои течна вода.

„Сега сфаќаме дека зони подобни за живот не се наоѓаат само околу ѕвезди, туку можат да бидат и околу џиновски планети. Откриваме дека Сончевиот систем всушност содржи многу вода,“ вели Грин. Понатаму, тој зборува за плановите на НАСА за мисија кон Европа, уште една месечина на Јупитер со замрзнат океан. „Не знаеме што ќе пронајдеме таму,“ додава тој.

Њумарк го опишува процесот во кој НАСА подлабоко ја осознава улогата на Земјиното магнетно поле врз водата и атмосферата на нашата планета, заштитувајќи ги за да не бидат оддувани од Сончевиот ветер, при што играло значајна улога во можноста да се развие живот. За разлика од Земјата, Марс нема значително магнетно поле и затоа водата и атмосферата му „избегале“.

Пол Херц (Paul Hertz), директор за астрофизика во НАСА, зборува за тоа како идните телескопи, кои веќе се во изградба, ќе им помогнат на научниците да ги истражат атмосферите на големите карпести планети околу далечни ѕвезди, барајќи хемиски знаци на живот. Тој изјавува: „Не ги истражуваме само водата и можноста за живот во нашиот Сончев систем, туку истите ги бараме и на планети околу други ѕвезди.“

Џон Грунсфелд (John Grunsfeld), исто така од НАСА, вели дека за него највозбудлив дел во потрагата по живот надвор од Сончевиот систем е да види како би изгледал тој живот. „Колку повеќе се оддалечуваме од Марс, кој има состав сличен на Земјата, веројатноста да најдеме живот сличен на овдешниот е сè помала.“ Тој верува дека живот надвор од Земјата ќе биде пронајден од страна на идната генерација научници и вселенски истражувачи, но се надева дека тоа ќе се случи и порано. „Научната заедница оди напред со големи чекори, и јас му имам кажано на мојот тим дека планирам да бидам директор на планетарна наука кога ќе откриеме живот во рамки на Сончевиот систем,“ додава тој.

Превод: Марина Димовска

Извор: Phys

Сподели.