Астрономите открија сончев систем сличен на нашиот

0

Откриен е прастар соларен систем кој датира уште од зачетокот на галаксијата. Овој ѕвезден систем излгеда како минијатурна верзија на внатрешните планети од нашиот Сончев систем.

Група истражувачи на чело со професорите Sarbani Basu и Debra Fischer од Yale University го објавија откритието на 27 јануари, како резултат на четиригодишно набљудувања со NASA Kepler Spacecraft. Учествуваа повеќе научни центри во САД, Данска, Португалија, Австралија, Англија, Германија и Италија.

Старата ѕвезда налик на Сонцето е наречена Kepler-444. Во нејзиниот систем има 5 планети, сите со големини меѓу оние на Меркур и Венера. Kepler-444 се формирал пред 11.2 милјарди години, кога нашиот Сончев систем бил пет пати помлад. Со тоа Kepler-444 е најстариот систем кој има планети слични на Земјата. Интересно е што во времето кога бил создаден нашиот Сончев систем, Kepler-444 веќе бил постар отколку што е староста на нашиот Сончев систем денес.

Овој систем покажува дека планети може да се формираат под многу поразлични услови од оние во кои настанал нашиот планетарен систем. Планетите од Kepler-444 се на растојание од својата ѕвезда кое е помалку од една десеттина од растојанието на нашата Земја до Сонцето. Тие се карпести и налик на Земјата, но нивниот точен состав не може со сигурност да се утврди.

Откритието е направено со помош на астеросеизмологија (слушање на резонанцата на ѕвездата домаќин, што всушност претставува заробен звук). Минималните промени во светлината на ѕвездата овозможуваат проценка на нејзината маса, дијаметар и старост. Планетите пак, биле детектирани при нивното поминување пред ѕвездата. При секое поминување пред ѕвездата тие предизвикуваат промена во нејзината светлина. Со пресметување на нејзината промена, може да се процени и големината на планетата која транзитирала во моментот, во однос на големината на матичната ѕвезда.

„Ова откритие ќе има далекусежни импликации во астрономијата“ – вели Tiago Campante, главен истражувач од Универзитетот во Бирмингем. „Сега се знае дека планети слични на Земјата се формирале низ 13.8 милјарди години долгата историја на Космосот. Со секое вакво откритие се зголемува можноста за постоење на прастара форма на живот некаде …“ – додава тој.

Превод: Милан Велков

Извор: Yalenews

 

Сподели.