Проширување на парадоксот на квантната механика кон квантни мрежи

0

Меѓународен тим демонстрира како парадоксот на квантната механика Ајнштајн-Подолски-Розен (Einstein-Podolsky-Rosen – EPR) од 1935 би можел да се прошири на повеќе од два оптички системи, поплочувајќи го патот кон истражувања на поголеми квантни мрежи.

Квантната механика е теорија која се употребува за објаснување на најмалите системи во природата, како што се атомите или фотоните. Парадоксот EPR истакнува дека два добро одделени системи можат да имаат чуден тип на квантна поврзаност, пришто се чини дека она што се случува во еден систем непосредно влијае врз другиот. Оваа врска од неодамна е наречена „EPR преплетување на управувањето“.

EPR управувањето е нелокално, односно она кое Ајнштајн го нарекува „морничаво дејство на растојание“, и традиционално било истражувано помеѓу два учесника. Експериментот кој е изведен од страна на Австралискиот државен универзитет (Australian National University) и Универзитетот Тјенцин (Tianjin University) го потврдува предвидувањето на теориските концепти развиени од истражувачите на универзитетите во Свинбурн (Swinburne University of Technology) и Пекинг. Тие велат дека употребиле оптичка мрежа за експериментално да потврдат како ова морничаво преплетување може да биде споделено меѓу не само два, туку и помеѓу три или повеќе различни оптички системи.

Истражувачите кои работат на проектот тврдат дека нивниот експеримент претставува значаен чекор кон валидацијата на мезоскопската квантна механика. Исто така, експериментот утврдува својства кои можат да бидат значајни во поставувањето на сигурни квантни комуникациски мрежи, каде споделените бројни низи создадени од два учесника би требало да се чуваат во тајност пред некој трет учесник.

Како значајна нова карактеристика се јавува фактот што корелацијата е утврдена со минимални претпоставки за природата на опремата која се користи во мерењето на сите од полињата (со исклучок на едно). Научниците велат дека ова помага во изработување на стратегија наречена „криптографија независна од уреди“, предвидена за да ги надмудри хакерите кои можат да ја компромитираат опремата, како што се компјутери или ајфони.

Превод: Марина Димовска

Извор: Phys.org

Сподели.