Млаз од ѕвезди во сателитска галаксија на Андромеда укажува на космички судир

0
Млаз од ѕвезди во сателитска галаксија на Андромеда укажува на космички судир

Дијаграм кој ја прикажува џуџестата галаксија Андромеда II со ѕвезди кои припаѓаат на изворот означен со сино. Нивното движење покажува дека Андромеда II е спој на две џуџести галаксии. Заслуги: Nicola C. Amorisco, N. Ho and M. Geha

Галаксијата Андромеда (Andromeda) е опкружена од јато мали сателитски галаксии. Истражувачите открија млаз од ѕвезди во една од надворешните сателитски галаксии на Андромеда – џуџестата галаксија наречена Андромеда II. Движењето на овие ѕвезди ни покажува дека она што го гледаме претставува остаток од спојувањето на две џуџести галаксии; спој на галаксии со толку мали маси досега не бил откриен.

Галаксиите во раниот Универзум започнале како многу помали и теоријата вели дека постепено растеле сè повеќе и повеќе, за да создадат нови, големи галаксии. Овие масивни галаксии постојано ги привлекуваат помалите, поради гравитацијата, и со тек на времето се припојуваат и стануваат уште поголеми. Но, не сите мали галаксии се приклучуваат кон поголемите – некои од нив остануваат во орбита на големите галаксии. Најголемата галаксија во нашето космичко соседство е Андромеда, на оддалеченост од околу 2.3 милиони светлински години. Исто како нашата галаксија, и Андромеда е голема спирална галаксија.

Андромеда е опкружена со јато од мали галаксии – астрономите избројале повеќе од 20. Нивните имиња се од типот на Андромеда I, II, III, IV… и така натаму. Истражувачите од Институтот Нилс Бор (Niels Bohr Institute), меѓу другото, ги анализирале мерките на ѕвезди во џуџестата галаксија Андромеда II и дошле до изненадувачко откритие.

Млаз од ѕвезди во сателитска галаксија на Андромеда укажува на космички судир

Сателитската галаксија Андромеда II се наоѓа во далечна орбита, околу 600.000 светлински години од центарот на големата галаксија Андромеда. Заслуги: NASA

Ѕвездите во џуџестата галаксија често се движат по случајни патишта, но тоа не е случајот со Андромеда II – забележано е дека ѕвездениот тек се движи наоколу на многу кохерентен начин, различно од останатите ѕвезди. Овие ѕвезди се сместени во структура налик на прстен и ротираат околу центарот на галаксијата.

Џуџестата галаксија Андромеда II е многу мала – помалку од еден процент од Млечниот пат. Ротирачкиот млаз од ѕвезди во галаксијата во целост се состои од стари ѕвезди, а според нивните карактеристики истражувачите можат да извлекуваат заклучоци за драматичниот космички настан. Она што го гледаме се остатоците од судирот помеѓу две џуџести галаксии, што имало значаен ефект врз динамиката на овој остаток. Истражувачите објаснуваат дека спојот помеѓу толку мали галаксии е очекуван во тек на процесот на создавање на галаксијата, но е исклучително редок случај во сегашно време и ваков настан досега не е набљудуван.

Превод: Марина Димовска

Извор: Phys.org

Сподели.