Астрономите видоа светлина од „молња” во црна дупка

0
Астрономите видоа светлина од „молња“ во црна дупка

Заслуга: MAGIC соработката

За првпат, астрономите откриле „молња” која доаѓа од супермасивна црна дупка. Научниците со Европската VLBI мрежа (Very-Long-Baseline Interferometry Network) забележаа краток, но многу интензивен излив на гама зрачење, кое се формираше невообичаено брзо од галаксијата IC 310. Во соработката беа вклучени астрономи од дванаесет земји, а резултатите беа објавени во списанието Science.

Радио галаксијата IC 310 се наоѓа на околу 260 милиони светлински години во соѕвездието Персеј. Научниците ја набљудуваа галактичката црна дупка MAGIC (Major Atmospheric Gamma-ray Imaging Cherenkov Telescopes) на Канарските острови. MAGIC е пар од 17-метарски телескопи кои мерат високоенергетски гама зрачења и претставува најголемиот систем за овој вид истражувања во светот.

Со многу деталениот преглед кој го обезбеди MAGIC, научниците открија млаз од гама зрачење до супермасивната црна дупка во центарот на галаксијата, кое се појави и изгуби пет пати побрзо отколку што може да се објасни во вообичаените околности.

„Хоризонтот на настани на црната дупка, површината на просторот и времето од каде што ништо не може да и избега на црната дупка, дури ни светлината, е трипати поголем од растојанието меѓу Земјата и Сонцето, односно 450 милиони километри. На светлината и требаат 25 минути да го помине тоа растојание“, изјави во соопштението ко-авторот Едуардо Рос од Институтот за радиоастрономија Макс Планк.

Потоа, тимот претпостави дека изворот на зрачење доаѓа од друго место. Претходно беше откриено дека црната дупка има активно галактичко јадро (AGN) што е мал регион кој се врти многу брзо и има магнетно поле. Овие јадра можат да исфрлаат огромни количини на радијација речиси толку брзо како и брзината на светлината.

„Сметаме дека во поларните региони на црната дупка постојат огромни електрични полиња, кои се способни да ги забрзаат основните честички до релативни брзини, на начин што кога тие ќе регираат со другите честички кои имаат помалку енергија, се во состојба да произведат високоенергетски гама зраци“ Рос продолжи. „Можеме да го замислиме овој процес како жестока електрична бура.“

Овие полиња акумулираат енергија во одреден временски период, која потоа треба да биде ослободена. Областа каде оваа енергија се акумулира е приближно со големина на нашиот Сончев систем, што значи дека изливот на радијација кој се испушта е екстремно брз и светол. Со помош на MAGIC овој тим беше во можност да го обезбеди првиот поглед во механиката на овој феномен.

„Кога ги гледаме црните дупки со високи енергии, гледаме во галактичките јадра до многу големи длабочини. Ние се обидуваме да погледнеме директно во механизмот во центарот, каков што е“, објаснува во соопштението лидерот на проектот Размик Мирзојан од Институтот за физика Макс Планк.

Емисиски мод: Црната дупка во ротацијата произведува магнетно поле (црвено). Во поларните региони (жолто), се појавуваат огромни електрични полиња и забрзување на честичките до релативни брзини кои се во состојба да произведат многу енергичен гама-зрак, како и да исфрлат млазеви оддалечени илјадници, па дури и милиони светлински години. Заслуга: Соработката MAGIC

Превод: Боро Костевски

Извор: IFLS

Сподели.