Користејќи ја еден век старата техника за истражување на границите на нашата галаксија, тим од австралиски астрономи направи проценка на количеството на темната материја во Млечниот Пат. Интересно, според нивните нови пресметки, може да има само половина од оваа слабо проучена супстанца низ нашата галаксија отколку што првично се претпоставуваше. Нивната работа е објавена во Астрофизичкото списание (Astrophysical Journal).
Темната материја е многу специфична и тешка за објаснување супстанција. Таа не апсорбира, рефлектира или емитува светлина, што значи дека е невидлива за нашите очи и инструменти кои ги користиме за откривање на нормалната материја. Поради тоа што не реагира со електромагнетната сила, свесни сме дека постои само поради гравитациските влијанија кои ги има врз видливата материја. Иако не можеме да ја видиме, физичарите пресметале дека таа сочинува околу 25% од Универзумот. Материјата од која се создадени нашите тела, ѕвезди, прашина и планети, или “нормалната” материја, учествува со само 4%. Останатото е нешто уште почудно – темна енергија.
Иако е многу тешко да се проучува темната материја, истражувачите можат да ја измерат нејзината маса со помош на пионерскиот метод кој датира од почетокот на 19 век на британскиот астроном Џејмс Џинс. Оваа техника, која била развиена долго пред научниците да дознаат за постоењето на темната материја, вклучува мерење на брзината со која ѕвездите патуваат низ нашата галаксија. Додека астрономите го правеле ова извесно време, никогаш не го искористиле за да ги испитаат самите рабови на Млечниот Пат, што всушност го направија во нивното најново истражување.
Со овие далечни истражувања, некои 5 милиони милијарди километри од Земјата, тие беа во можност да добијат мерења што им дозволија да ја пресметаат масата на темната материја во нашата галаксија. Иако излезе дека станува збор за релативно голема бројка, некои 800.000.000.000 пати поголема од масата на нашето Сонце (8⋅1011 Сончеви маси), сепак е околу половина од претходните проценки.
Новите мерења на тимот, исто така, помогнаа да се реши проблемот кој е „трн во космолошките кругови речиси 15 години“ вели ко-авторот на студијата професорот Гераинт Луис.
Како што е објаснето од страна на водечкиот автор д-р Праџвал Кафле, општо прифатената идеја за формирањето и еволуцијата на галаксијата, теоријата за Ламбда студената темна материја предвидува дека треба да има бројни големи галаксии, сателити околу Млечниот Пат. Сепак, применувајќи ги своите нови мерења, теоријата предвидува дека треба да има само три, и тоа е токму она што ние го гледаме: Големиот Магеланов облак, Малиот Магеланов облак и џуџестата галаксија Стрелец.
Превод: Боро Костевски
Извор: IFLS