Астрономите веруваат дека успеаја да откријат водна пареа во облаците околу едно кафено џуџе, лоцирано на само седум светлински години од нас. Доколку се потврди, ова ќе биде прв ваков случај надвор од границите на Сончевиот систем.
Кафените џуџиња се тела кои не успеале да го завршат процесот на постанување ѕвезда бидејќи не насобрале доволно маса за да започне фузијата во нивното јадро. Без овој процес тие остануваат оладени и не многу сјајни објекти. Откритието за најладното кафено џуџе беше објавено во Април оваа година, кога телескопот WISE (Wide-field Infrared Survey Explorer) на НАСА направи снимки од WISE J085510.83–071442.5 (или W 0855). Просечната температура на ова џуџе се движи од -48 до – 13°C и воедно е четврта по ред ѕвезда во соседството на нашето Сонце (се наоѓа на околу 7.3 светлински години). Вообичаено, снимките на кафените џуџиња од ваков тип се тешко изводливи бидејќи околните ѕвезди се посјајни и ја замаглуваат глетката. Но, за среќа, оваа ѕвезда е доволно на страна и подалеку од соседните ѕвезди, па затоа се направени сосема добри снимки.
Според набљудувањата ова кафено џуџе е покриено со облаци со околу 50% и компјутерските модели посочуваат дека најверојатно овие облаци се составени сулфиди и замрзната вода. Водните облаци се мошне чести во рамките на нашиот систем, иако подалеку од Марс не можеме директно да ги набљудуваме поради разните атмосферски услови кај планетите. Засега, надвор од Сончевиот систем била детектирана појавата на водна пареа, но ова е првиот случај кога најверојатно ќе се докаже присуството на вода во облаците. Ова го покрена и прашањето за степенот на наоблаченост кај телата надвор од Сончевиот систем, односно дали е вообичана делумната наоблаченост како кај Земјата, или пак почеста е појавата на тотална наоблаченост како кај Венера.
За жал, присуството на вода во составот на атмосферските облаци кај W 0855 ќе може да биде потврдено дури по 2018 година, кога е планирано лансирањето на James Webb Space Telescope.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFLS