Пред околу 10 милиони години, блиско ѕвездено јато еруптирало како насилна серија од супернови, и според новите набљудувања плазмата од милион степени го опкружува денешниот Сончев систем. Иако астрономите веќе некое време знаеја за овој нејасен „Локален балон“ (Local Bubble) од гас, сега е оттргнат целиот сомнеж за потеклото на оваа обвивка широка 300 светлински години.
Со температури кои надминуваат милион Келвини, „супата“ од супернова всушност е многу разредена – околу 0.001 атоми на кубен центиметар, и е различна од другите честички материја кои го завземаат меѓуѕвездениот простор. Идејата е дека неколку соседни масивни ѕвезди станале супернови по завршувањето на својот живот. Иако суперновите се многу моќни, не биле доволно блиску до Земјата за да ја стерилизираат од живот, а се случиле во раните фази на човековата еволуција.
Доказите за Локалниот Балон се нижеа веќе неколку декади, но за неговото присуство било заклучено преку детектирање на позадинскиот сјај од радијација на X-зраци во сите правци. Иако овие докази се чинат како доволно силни, постоеја и други можни интерпретации, како размена на напон помеѓу јони на сончевиот ветер и неутрални гасови, чија интеракција резултира со емисија на Х-зраци. Голем дел од астрономите сметаа дека ова е феномен кој се случува внатре во Сончевиот систем, наместо дека се резултат на нешто што се случило надвор од него пред 10 милиони години.
За да го разреши ова, меѓународен тим научници создаде инструмент наречен Дифузна емисија на Х-зраци од Локалното јато (Diffuse X-ray emission from the Local Galaxy – DXL), кој може да направи разлика помеѓу двете можни сценарија. По лансирање на инструментот далеку над Земјината атмосфера, беше точно детектирано количеството на размена на напон кое се случува во меѓуѕвездениот простор. По 5 минути набљудување, DXL утврди дека само околу 40 проценти од дифузните слаби емисии на Х-зраци потекнуваат од размена на напони, што значи дека остатокот сигурно доаѓа од Локалното јато надвор од Сончевиот систем. Следствено, Локалниот Балон е реален.
Научниците сметаат дека ова е многу значајно откритие, бидејќи влијае врз нашето разбирање за областа на галаксијата која е блиску до Сонцето и може да биде употребено како темел за натамошни модели за структурата на галаксијата.
Превод: Марина Димовска
Извор: Discovery News