Регионот кој се наоѓа во непосредна близина и ја опкружува супермасивната црна дупка е силно осветлен од радијација на X-зраци, а најголемиот дел од нив потекнува од компактен извор наречен корона. Во многу редок настан кој трае само неколку денови, короната се придвижи поблиску до црната дупка позната како Маркаријан 335 (Markarian или Mrk 335), пришто нејзината екстремна гравитација ја привлече целата светлина кон дискот кој ја опкружува. Сето ова до најситен детал беше забележано со помош на телескопот NuSTAR (Nuclear Spectroscopic Telescope Array) на НАСА.
Супермасивните црни дупки претставуваат објекти со неверојатно голема густина, за кои се смета дека постојат во центарот на повеќето галаксии. Додека светлината паѓа во црните дупки, короните и околниот акрециски диск од супервжештена материја исфрлаат високоенергетска светлина. Некои црни дупки се помасивни и ротираат побрзо од другите. Mrk 335 се наоѓа на растојание од околу 324 милиони светлински години од Земјата во насока на соѕвездието Пегаз (Pegasus). Кога станува збор за маса и брзина на завртување, таа е еден од најекстремните системи – маса 10 милиони пати од онаа на Сонцето е збиена во регион само 30 пати поголем од неговиот дијаметар, а нејзиното движење е толку брзо што ги завлекува и времето и просторот. Формата и температурата на короните не ни се познати, но астрономите знаат дека овие облаци содржат честички кои се движат со брзина приближна на онаа на светлината. Така, со приближувањето на короната, интензивната гравитација на Mrk 335 направила поголем напор за да ги вовлече исфрлените X-зраци, притоа привлекувајќи ја светлината од короната во внатрешниот дел од супервжештениот диск. Ова направило истата да се развлече на пониски енергии од оние кои претходно биле набљудувани.
По падот во светлината кој беше забележан од сателитот Свифт (Swift) на НАСА, NuSTAR ги забележа високоенергетските Х-зраци во опсег од 3 до 79 килоелектрон волти, што на астрономите им даде увид во регионот кој ја опкружува црната дупка, наречен хоризонт на настани, каде светлината веќе не може да ѝ избега на гравитацијата.
На графикот е претставена светлината од Х-зраци која доаѓа од регионите околу Mrk 335. Онаа светлина која потекнува од короната е рефлектирана од акрецискиот диск, кој ја храни црната дупка. Рефлектираната, како и директната светлина од короната се мапирани во опсег од енергии на Х-зраци – портокаловата линија е модел кој ги прикажува очекуваните податоци во случај Х-зраците да се развлечени или заматени, а сината линија го покажува предвидениот исход без ефектот на заматување. Точките ги претставуваат вистинските добиени податоци од NuSTAR, укажувајќи на тоа дека светлината е екстремно заматена. Месеци по придвижувањето, короната сеуште се наоѓа во ваква состојба – истражувачите не знаат дали некогаш воопшто ќе се врати во својата првобитна состојба.
Извор: IFL Science
Превод: Марина Димовска