Супермасивна црна дупка разрешува дамнешна мистерија

0

Уметнички приказ на млазовите кои излегуваат од суперамсивна црна дупка. Заслуги: NASA / Dana Berry / SkyWorks Digital

Супермасивните црни дупки во јадрата на најголемите галаксии го опустошуваат своето опкружување – во најактивната фаза, кога се запалуваат како светли квазари, испуштаат екстремно моќни млазови гас со огромна брзина. Ваквите изливи можат да го изместат и загреат материјалот, притоа играјќи клучна улога во создавањето и еволуцијата на масивните галаксии. Не само што нив астрономите можат да ги набљудуваат низ целиот видлив Универзум, туку претставуваат и битна состојка на теоретските модели.

Долго време физичката природа на овие изливи беше голема мистерија. Каков е тој механизам кој прави гасот да достигне толку големи брзини, па дури и да биде оддуван надвор од галаксијата?

Употребувајќи го VLT (Very Large Telescope) во Чиле, тим астрономи ја набљудуваше блиската активна галаксија IC 5063. На местата каде нејзините млазови допираат до региони на густ гас, овој гас се движи со неверојатни брзини од скоро 1 милион километри на час. Тој е составен од молекуларен водород, кој е „кревок“, што значи дека може да се уништи на релативно ниски енергии. Неверојатно е тоа што молекуларниот гас може да опстои забрзување од страна на млаз на високоенергетски честички кои се движат со брзина приближна на онаа на светлината.

Како што млазовите патуваат низ галактичката материја, гасот кој ги опкружува е нарушен и се создаваат ударни бранови. Тие не само што го забрзуваат, туку и го загреваат гасот –  се претпоставува дека овие температури се доволно големи за да го јонизираат гасот и да ги разделат молекулите. Молекуларниот водород настанува во значително оладениот гас кој е присутен по ударот. Истражувачите претпоставуваат дека би морало молекулите да се создадат повторно, откако интеракцијата со брзиот млаз од плазма целосно ќе го вознемири гасот. Директните набљудувања на овој феномен ја потврдуваат можноста ова навистина да се случува, па останува да се работи на објаснување на точната физика на взаемното дејство.

Во меѓуѕвездениот простор, молекуларниот водород се создава на зрна прашина. Но, во случајов, правта веројатно е уништена поради силните ударни бранови. Иако е можно (како што било случај во раниот Универзум) молекуларниот водород да се создава без помош од зрна прашина, точниот механизам сè уште е непознат. Ова истражување помага да се одговори на одамна поставено прашање, обезбедувајќи ги првите директни докази дека млазовите го забрзуваат молекуларниот излив кој го гледаме во активните галаксии, но поставува и многу нови.

Извор: Universe Today

Превод: Марина Димовска

Сподели.