Откривањето на три супермасивни црни дупки кои орбитираат на многу мала меѓусебна оддалеченост, а кои се наоѓаат во галаксија која се наоѓа на растојание поголемо од четири милијарди светлински години, би можело да им помогне на астрономите во потрагата по гравитациски бранови. Тие претставуваат бранувања во време-просторот, а биле предвидени од страна на Ајнштајн.
Меѓународниот тим истражил шест системи за кои било предвидено дека се состојат од две супермасивни црни дупки. Откриено е дека еден од овие системи всушност содржи три и претставува најзближеното трио на црни дупки откриено на толку голема оддалеченост, пришто две од нив орбитираат една околу друга како да се бинарни ѕвезди. Ова укажува на фактот дека вака подредени супермасивни црни дупки се наоѓаат далеку почесто отколку што претходно се сметало. Неверојатен е податокот дека брзината на нивното меѓусебно орбитирање е 300 пати поголема од брзината на звукот на Земјата, па овие црни дупки се наоѓаат на екстремот на Општата теорија на релативност на Ајнштајн. Навистина восхитувачки е тоа што со помош на комбинирање на сигналите од радиотелескопите на четири континенти постигнато е набљудување на овој егзотичен систем на растојание од една третина од целиот Универзум, а ова е само почеток на долгата низа откритија кои наскоро ќе биде возможно да се направат. Општата теорија на релативност предвидува дека извор на гравитациски бранови може да претставува спојувањето на повеќе црни дупки. Овие три црни дупки изгледаат како да се наоѓаат само миг пред да почнат да се движат една кон друга по спирален пат, притоа спојувајќи се. Идејата дека би можеле да пронајдеме повеќе од овие потенцијални извори на гравитациски бранови е многу охрабрувачка, бидејќи тоа понатаму многу би помогнало во нивното детектирање.
Користената техника е наречена инферометрија на многу долго основно ниво (VLBI – Very Long Baseline Inferometry), со помош на која се откриени двете внатрешни црни дупки во тројниот систем. Таа претставува комбинација од сигнали кои доаѓаат од големи радио-антени оддалечени и до 10 000 километри, за да се забележат детали со 50 пати поголема прецизност од онаа на вселенскиот телескоп Хабл (Hubble). До сега, всушност, многу малку е познато за системите од црни дупки кои се наоѓаат на толку мала меѓусебна оддалеченост, што испуштаат гравитациски бранови кои можат да се детектираат. Научниците велат дека ваквото откритие, пред сè, укажува на многу значаен податок – радиотелескопите како што се MeerKAT и Афричкатa VLBI мрежа директно можат да помогнат во детектирањето и разбирањето на сигналите од гравитациски бранови. Понатаму, со помош на нови инструменти, ваквите системи ќе можат да бидат истражени до најситен детал, а ова ќе ни помогне одблиску да го разбереме начинот на кој црните дупки помогнале во оформувањето на галаксиите низ историјата на Универзумот.
Извор: Phys.org
Превод: Марина Димовска