Привиден сјај на небесните тела

0

Ѕвездите на ноќното небо светат со различен сјај. Некои имаат поголема, додека некои помала осветленост. Привидниот сјај ни кажува колку светлина од одредена ѕвезда доаѓа до нашите очи.

Хипарх (129 год. п.н.е.) прв ги класифицирал ѕвездите по сјајност, така што најсјајните ѕвезди ги ставил во прва, а најслабите (едвај видливи) ѕвезди во шеста група. За привидниот сјај се користи и изразот привидна ѕвездена величина или привидна магнитуда. Привидната магнитуда се обележува со број и мало m во експонентот по бројот (на пример 3м за ѕвезда од трета магнитуда).

Со ерата на телескопот, од 1610 год., астрономите увиделе дека постојат ѕвезди многу пати побледи од тие кои се гледат со голо око. Античката скала на Хипарх која завршувла со шеста магнитуда (видливи само во услови на многу темно небо) морала да се прошири на повисоки вредности (за помалку сјајните ѕвезди). Од друга страна, иако најсјајната магнитуда според Хипарх била 1, современите техники на калибрација на флуксот ги принудила научниците да ја прошират скалата и кон помали и негативни вредности на магнитудата.

Астрономите сè уште го користат овој систем на магнитуди и покрај двете чудни особини. Првата е дека скалата се движи „наназад“ – побледите објекти имаат поголеми вредности на магнитудата. Втората особина е дека системот е логаритамски, бидејќи потеклото му доаѓа од појавата на ѕвездите во човековото око. Одговорот на окото не е пропорционален со количеството на примената светлина, туку со нејзиниот логаритам. Повеќето сетилни одговори во живите организми се покоруваат на овој  „нелинерен“ закон.

На сликата е прикажано како се обележани магнитудите во соѕвездието Мала Мечка (Ursa Minor). Корисно е да ги запомниме магнитудите на овие ѕвезди и тие да ни служат како водичи за калибрација на другите ѕвездени магнитуди. Едноставно, четирите ѕвезди на телото се со магнитуди 2, 3, 4, и 5.

Привиден сјај на небесните тела

На пример за Вега во Лира е дадено дека има магнитуда 0м, за Венера која може да достигне сјај до -4.4м, најсјајната ѕвезда на небото – Сириус во Големото Куче има -1.45м, полната Месечина -12.5м, а Сонцето -26.7м. Но по откривањето на телескопот, можеле да се видат и оние ѕвезди кои со голо око дотогаш не се гледале. Така на пример, со двоглед, со објектив од 50 mm, можеме да видиме ѕвезда со величина до +9м, а со аматерски телескоп, со објектив од 150 mm, можеме да видиме ѕвезда до +13м. Најтемната област на небото, каде може да се види нешто само со професионални големи телескопи, може да се видат и објекти со сјај од околу +27м. Ознаката (+) обично се изоставува и се подразбира целата бројка.

Сподели.