Телескопот Хабл ни дава поглед на масивните бури на Уран и Нептун во текот на летото

0

Заслуги: NASA, ESA, A. Simon (NASA Goddard Space Flight Center), и M.H. Wong, и A. Hsu (University of California, Berkeley)

Оваа недела, НАСА објави нови слики од силниот ефект на 42 годишното лето на Уран, воедно и од огромните бури што го имаат зафатено Нептун.

Систем на облаци врз северниот пол на Уран

Заслуги: NASA, ESA, A. Simon (NASA Goddard Space Flight Center), и M.H. Wong, и A. Hsu (University of California, Berkeley)

Благодарение на екстремната накривеност на Уран – планетата скоро целосно се врти на страна – сончевите зраци во текот на летото се насочени кон она што би требало да претставува северен пол на Уран и таквата состојба не прекинува со децении. Како резултат на ова, научниците веруваат дека атмосферските промени доведуваат до формирање на група облаци.

На самите краеви на оваа формација од облаци, се наоѓа тенок облак од метан којшто е доволно светол за да може да биде забележан дури од астрономите аматери.

На Нептун исто така се забележуваат бури

Извор: NASA, ESA, A. Simon (NASA Goddard Space Flight Center), и M.H. Wong, и A. Hsu (University of California, Berkeley)

Нептун исто така покажува знаци на постоење на бури. Моментално на јужната хемисфера на Нептун е лето, а една темна точка (бура) може да се забележи на северната хемисфера за која НАСА тврди дека е со пречник од околу 11.000 километри, a е придружена од бели облаци.

Метанот потоа се смрзнува формирајќи снежни кристали во погорната атмосфера, на сличен начин како што се формираат и облаците на Земјата.

Слични бури биле забележани и претходно на Нептун. Преку Војаџер 2 добивме слики од две темни бури на Нептун во текот на 1989 година и со помош на Хабл во 1993 година дури три такви темни бури.

Моментално, телескопот Хабл е единствениот телескоп кој може да ги забележи ваквите бури во атмосферата на Нептун коишто се појавуваат и исчезнуваат многу брзо гледано од астрономска гледна точка. Според едно истражување направено од Ендрју Хсу од Универзитетот Беркли во Калифорнија се проценува дека ваквите темни точки на Нептун се формираат на секои 4-6 години и исчезнуваат за околу 2 години.

Големата црвена дамка на Јупитер, огромна бура со дијаметар двапати поголем од Земјата е забележана уште во 1800 година што ја прави стара со векови.

Следење на гасовитите џинови

Според извештаите на НАСА објавени заедно со новите слики, планетите немаат цврста површина, туку слоеви од водород и хелиум формирани околу цврсто јадро. Со цел да се добијат точни податоци за тоа какви се временските услови на најдалечните планети во нашиот сончев систем, НАСА мора да собере што е можно повеќе слики за одреден временски период и да ги следи промените што се случуваат.

Превод: Христина Милошевска
Извор: InterestingEngineering.com

Сподели.