Градбените блокови на животот можеби се формирале во Вселената

0

Во лабораториски експеримент што ги имитира астрофизичките услови – многу ниски температури во ултра висок вакуум, научниците користат електронски пиштол за да озрачат тенки слоеви од мраз прекриени со основните молекули на метан, амонијак и јаглерод диоксид, кои се состојки за добивање на живот. Со експериментот се тестира како комбинацијата од електрони и основна материја води до покомплексни биомолекули и можеби евентуално и до живи суштества.

Се што е потребно е вистинската комбинација од состојки – вели авторот на студијата Мајкл Хуелс. Молекулите може да се комбинирааат, да стапат во хемиски реакции и во вистинските услови да формираат поголеми молекули од кои ќе настанат уште поголемите биомолекули кои ги гледаме во клетките – како протеини, РНК, ДНК или фосфолипиди.
Вистинските услови во Вселената подразбираат јонизирачко зрачење. Во Вселената молекулите се изложени на ултравиолетови зраци и високо енергетска радијација која вклучува рендгенски и гама зраци, честици на ѕвезден и Сончев ветар и космички зраци. Тие исто така се изложени и на ниско енергетски електрони кои се добиваат при судир на радијацијата и материјата. Авторите ги испитале овие ниско енергетски електрони за подобро да разберат како се формираат комплексните молекули.

Во нивниот труд објавен во „Журналот за хемиска физика“ авторите изложуваат повеќеслоен мраз од јаглерод диоксид, метан и амонијак на слабо енергетски електрони и потоа користат тип на масена спектрометрија наречена температурно програмирана десорпција за да ги карактеризираат молекулите создадени од ниско енергетските електрони.
Користејки сличен метод во 2017 год. овој тим на истражувачи успеал да добие етанол, неесенцијална молекула, од само две состојки – метан и кислород. Но ова се едноставни молекули кои не се ни блиску комплексни како големите молекули кои го градат животот. Со новиот експеримент се добила молекула која е покомплексна и е есенцијална за земскиот живот – глицин.

Глицинот е аминокиселина составена од водород, јаглерод, азот и кислород. Доказот дека ниско енергетските електрони може да конвертираат едноставни молекули во покомплексни форми ни покажува дека градбените блокови на животот можеби имаат потекло од Вселената – и пристигнале на Земјата од материјал доставен при судир на комета или метеорит.

Во експериментот, за секое изложување на 260 електрони била формирана една молекула на глицин. Обидувајки се да дознаат колку овој степен на формирање е реалистичен во Вселената наспроти лабораторијата, истражувачите ги екстраполирале резултатите за да ја пресметаат веројатноста дека една молекула на јаглерод диоксид би сретнала и молекула на метан и на амонијак и на колку тоа радијација би биле изложени заедно.

Според Хуелс – „Треба да запаметиме дека во Вселената има многу време. Намерата беше да се добие чувство за веројатноста на настанот. Дали е ова реалистичен продукт или квантитет кој е комплетно „луд“, толку низок или висок што нема смисла? Она што го откривме е дека всушност добиениот степен на формирање на глицин е реалистичен и за глициниот и за слични биомолекули.“

Извор: Phys.org
Превод: Максим Осман-Николов

Сподели.