На денешен ден пред 49 години, Нил Армстронг стапнал на месечината и ги кажал неговите познати зборови „еден мал чекор за човек, еден голем чекор за човештвото“. Овој настан дал надеж на планетата која тогаш била на раб на нуклеарна апокалипса дека можеме. Можеме да стигнеме до каде што сакаме. Можеме да полетаме над државните политики. Можеме да најдеме заедничка цел во унапредување на човештвото. Можеме да преживееме и да чекориме напред кон поголеми чекори.
Зошто сме застанале таму? Зошто не чекориме поголеми чекори? Нели првиот чекор е најтешкиот? Во ретроспектива е познато дека мотивацијата била политичка, напредокот на човештвото бил во втор план. Сепак не можеме да бидеме цинични кон ситуацијата, вселенската трка донела напредоци кои човекот не можел да ги замисли пред 100 години, ја запалил имагинацијата и ја пробудил надежта на милијарди до сега.
Јас велам дека не е доста. Марс и Млечниот Пат не се одалечија од нас, ние се одалечивме од нив. Треба да сонуваме повеќе и помалку да прифаќаме пораз. Нема да ве замарам со визиите на луѓе пред 100 години дека до 2000 година ќе сме имале коли кои летаат или визиите на Аполо ерата дека за брзо ќе стигнеме до Марс. Сите знаеме дека постоеле колку и да го забораваме тоа.
Во годините после кулминацијата во вселенската трка со Аполо 11, финансирањето на НАСА забележува нагло намалување, продолжено со стабилна деградација до ден денес. Проектите на НАСА сеуште вршат важни истражувања во вселената, но со многу поспоро темпо и големи одложувања.
Иако се појавуваат приватни зафати за освојување на вселената како СпејсИкс на Елон Маск или државни зафати како тие на Европската Вселенска Агенција која бавно реализира научни истражувања на Соларниот Систем кои ни даваат надеж за напредокот во истражување и населување на вселената, сепак мораме да се прегледаме себе како планетарна фамилија и да се прашаме „Што се случи? Само војна или закана за војна не доведува до неверојатни подвизи? Дали можеме да бидеме неверојатни без тоа?“.
Не можам да кажам дека го имам одговорот на овие прашања, но мислам дека можам да укажам на факторот на кој алудирав претходно, тоа дека треба да сонуваме повеќе и не само додека спиеме.
Како со сите решенија, мораме да почнеме од себеси, а не од другите. Преку вековите народите активно се противеле на неадекватноста на поредокот во кој живееле, вклучувајќи го научниот. Денешниот научен поредок не е централно контролиран, туку е граден како јавен зафат за развивање на нашето разбирање на космосот. Тука се појавува можноста за лесна партиципација. Можеме лесно да си го искажеме незадоволството и разочарувањето за недостатокот на напредок во истражувањето на вселената и така да го започнеме разговорот за тоа кој ни е многу потребен.
Науката и нејзиното развивање има голема, но сепак често игнорирана функција во општествената екологија. Науката и нејзината неограничена достапност овозможува едуциран и критичен народ кој е отпорен на злоупотреба. Развитокот на науката ја оживува човечката визија за подобро утре и помага во остварување на истото. Вселенските програми се едни од најпримерните материјализации на развитокот на науката и заради таа причина се од огромна важност, покрај функцијата на ширење на човештвото. Затоа потребен ни е напредок во вселената и од општествена гледна точка.
Најчесто претставените пречки во вселенско истражување се од технолошка и финанскиска природа. Интересно е тоа дека тие аргументи потекнуваат често од професори и инженери со сигурна иднина во нивната професија кои не се доста гласни за спориот напредок на вселенското истражување бидејќи немаат кариерен интерес за зафати кои би им дале повеќе работни обврски. Пречките не се толку големи, поголема пречка е недостатокот на врева во врска со спориот напредок.
Не ги знаеме границите на човештвото и универзумот и дали воопшто постојат бидејќи не сме ги допреле, но мораме да ги бараме инаку ќе ги најдеме каде што ги нема.
Текст: Јован Милосковски