3 дена мрак на умот

0
три дена мрак

Замрачување на Сонцето сликано од камерата на вселенското летало Аполо 12. Заслуги: НАСА

Вчера македонските медиуми ги преплави веста дека во декември ќе следат страшни три дена мрак. Ова е точно само доколку останете дома, ги затворите капаците на прозорите и се покриете преку глава со јорганот.

Во отсуство на истражувачко новинарство, појавата на „кромид“ вести е веќе вообичана пракса, на која впрочем сме налетале повеќе пати. Во текот на денот некои од медиумите се пишманија и ги демантираа претходно објавените сензационалистички наслови.

Но, сепак ред е да ги изложиме фактите и да кажеме што сѐ е погрешно во оваа вест.

Мит број 1: НАСА излезе со соопштение

Прво, вестите велат дека НАСА потврди дека следат три дена целосен мрак и тоа на 21, 22 и 23 декември оваа година.

Сите соопштенија НАСА ги објавува на својот сајт, а на ваква вест не наидовме. На некои странски веб страни како извор е посочена страната science.nasa.gov, која повторно не понуди повеќе информации, односно пренасочува на официјалната страна на НАСА.

Ниту пак најдовме каде тоа Чарлс Болден вели дека следи најголемата соларна бура досега забележана.

Впрочем, Болден не може да потврди ваква вест, бидејќи никој на Земјата не може да ја предвиди сончевата активност два месеци порано. Но за ова малку подолу.

Мит бр 2: Француската научничка Моник Метју нè бодри

Моник Метју праќа порака дека ќе биде тешко, но мора да се издржи.

Kоја Моник?
Моник која што ја канализира мудроста на „Суштества на светлината“ (Beings of Light)?
Ах, таа Моник!

Мит број 3: Предвидување на сончеви бури неколку месеци однапред

Врз основа на сончевите пеги, можеме да предвидиме поголема активност во одредени региони на Сонцето, што пак, може да биде проследено со исфрлање на коронарна маса (Coronal mass ejections – CME). Ова исфрлање на материја и електромагнетна радијација може понекогаш да влијае негативно на Земјата и тогаш зборуваме за електромагнетни бури.

Ерупција на Сонцето проследена со исфрлање на маса на 31 август 2012 година. Заслуги: Solar Dynamics Observatory, NASA Goddard Space Flight Center

Но, со оглед на денешните инструменти и знаењето со кое располагаме, добиваме предупредување за овие бури 2 до 3 дена, пред тие фактички да се случат.

Тоа значи, дека не можеме со точност да кажеме дека од 21 – 23 декември ќе има сончева бура.

Мит број 4: Сончевата бура може да донесе мрак

Па и не баш. Барем не во буквална смисла на зборот.

За време на сончева бура, особено на врвот на 11-годишната сончева активност (што всушност беше изминатата година), се јавува опасност од исфрлање на коронарна маса. Во таков случај, први на удар се астронаутите во вселенските станици околу Земјата, сателитите и електро-дистрибутивните мрежи кои можат да претрпат оштетувања. Еден таков позначаен случај е забележан во 1989 година, кога Квебек остана без електрична струја цели 12 часа. Но, на глобално ниво ова до сега не е забележано.

Можеби на таков мрак се мислело во вестите?!

Кога се очекува поголема бура, системите за следење на активноста на Сонцето алармираат за потенцијална опасност. Во таков случај може да се пристапи кон намерно исклучување на постројките и тоа во насока на превенција, наспроти потенцијалната материјална и финансиска штета која може да се случи при сончева бура со голем интезитет.

Но без оглед на сѐ, овие бури не се опасни за животот и здравјето на луѓето, бидејќи нашата прекрасна планета „смислила“ интелигентен систем на одбрана. Веќе некое време ни е познат како магнетно поле.

Дополнително, геомагнетните бури носат и своја убавина. Имено, тие предизвикуваат спектакуларни аурори кои најчесто може да се видат во близина на северниот и јужниот пол на Земјата.

Прекрасната глетка на аурора на мразот од Езерото Инари. Авторски права: Мартин Стојановски, САД

Прекрасната глетка на аурора на мразот од Езерото Инари. Авторски права: Мартин Стојановски, САД

Како и да е, до сега не е забележан случај на помрачување како резултат на бура, освен кога има затемнување на Сонцето, што е всушност краткорочна појава.

Заклучок

Животот во мрак може да биде навистина страшен, но понекогаш тоа е само состојба на умот. Па, затоа следниот пат кога ќе прочитате ваква вест, можеби е мудро да ја проверите пред да станете нејзин слеп следбеник.

Текст: Софија Спировска

Сподели.