Редовно се организираат и теренски набљудувања за членовите на Скопското астрономско друштво, со цел следење на определена астрономска појава. Од своето постоење, Друштвото ги следи сите астрономски феномени кои се имаат случено од постоењето на САД, како на пример сите затемнувања на Месечината и Сонцето, метеорски роеви, комети, опозиции, конјункции итн. Од сите овие настани направени се мноштво астрофотографии, кои можете да ги погледнете тука, додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка. Од последните позначајни активности во оваа област го издвојуваме набљудувањето на тоталното затемнување на Сонцето на 29 март 2006, близу до Анталија, Турција. Во организирано патување, 10 членови на Друштвото, 3 гости од Италија и 4 гости од Хрватска имаа несекојдневна можност да присуствуваат на овој редок феномен.
Во текот на 2003, 2004, 2005 и 2007, Друштвото организираше четири „Месије маратони“.
Друштвото има остварено контакти со IMO (International Meteor Organisation – Меѓународна Метеорска Организација), каде неколку членови се веќе регистрирани и редовно праќаат извештаи од разни метеорски роеви. Од постоењето на друштвото, па до сега, редовно се пратат повеќе метеорски роеви, од кои два (Леониди и Персеиди) најредовно се регистрираат. За овие два роја пратени се детални извештаи за секоја година, почнувајќи од 2002 година.