Астрономи открија чудна карпеста егзопланета со три црвени сонца

0

Нашето Сонце е осамена ѕвезда, но во пространствата на Универзумот честопати се среќаваат ѕвезди кои орбитираат околу заеднички центар на гравитација. Во таков систем составен од три ѕвезди астрономите неодамна пронајдоа и егзопланета.

3 sun

Уметничка престава на Gliese 667 Cc, друга карпеста планта со три сонца

Планетата наречена LTT 1445Ab орбитира околу примарната ѕвезда од трите џуџиња кои го сочинуваат LTT 1445 системот, од нас оддалечен околу 22.5 светлосни години.

„Доколку стоите на површината на планетата, на небото ќе забележите три сонца, но две од нив се доста далеку и се доста мали,“ изјавила Џенифер Винтерс, астроном при Харвард-Смитсониан Центарот за Астрофизика. „Тие се како две црвени, зли очи на небото.“

Нејзиниот тим веќе го доставил истражуваањето до The Astronomical Journal и може да се очекува наскоро да биде рецензирана.

Планетата е откриена со телескопот TESS, кој НАСА го користи за пронаоѓање на егзопланети кои се на поминување помеѓу нас и нивната матична ѕвезда, преку детектирање на затемнувањето кое настанува како резултат на малото количество ѕвездена светлина кое планетата го блокира.

Длабочината на затемнувањето и малото придвижување на ѕвездата поради гравитацијата на планетата (кое се детектира со други телескопи), им овозможува на научниците да одредат граници за големината и масата на планетата.

LT 1445Ab e многу поразлична од HD 131399Ab, друга егзопланета со три сонца откриена во 2016. Втората е џин со 550-годишна орбита околу една од ѕвездите во тројниот систем на растојание од 340 светлосни години. Новата планета по големина е само 1.35 пати од големината на Земјата, но нејзината маса е 8.4 пати поголема од онаа на нашата планета, што значи дека поседува многу поголема густина.

Иако оваа маса и големина ја сместува планетата во групацијата на карпести планети како што се Земјата, Марс и Венера, за разлика од гасовитите или ледените џинови, и иако небото би изгледало навистина спектакуларно, шансите за постоење и одржување на живот се многу мали. Егзопланетата орбитира околу својата ѕвезда еднаш за време на 5.36 дена на Земјата. При оваа близина, температурата на површината би изнесувала 428 Келвини (155 °C; 311 °F).

И покрај тоа астрономите се возбудени од можноста подетално да ја набљудуваат оваа планета. Тоа е бидејќи LTT 1445Ab би можела да има атмосфера, а карпестите планети со атмосфера кои орбитираат околу нивните ѕвезди се добри места за тестирање на алатките кои се користат за детекција на гасови како што се метан и јаглерод диоксид.

Планета со атмосфера не само што ќе ја затемни светлината на звездата, туку и би ја изменила врз основа на хемискиот состав на самата атмосфера. Поточно, научниците би можеле да ги анализираат промените во светлинскиот спектар на ѕвездата со цел да го откријат тој состав.

Моменталната технологија не е многу соодветна за тоа, но надежите се големи за наследникот на Хабл (Hubble), Џејмс Веб Вселенскиот Телескоп (James Webb Space Telescope), кој треба да биде лансиран во 2021 година и со таа цел научниците веќе ги идентификуваат и одбираат целите кои би ги проучувале.

LTT 1445Ab би била совршен кандидат за овие набљудувања. Поради честиот транзит би имало многу можности за опсервација и се наоѓа на само 22.5 светлински години, што во космички размери е доста блиску. Црвеното џуџе е доволно светло за позадински да ја осветли планетата но не е толку многу што би ја засенило самата планета. Дури и доколку нема атмосфера или атмосферата не содржи биосигнали, карпестите планети кои орбитираат околу црвени џуџиња се доста чести, па така набљудувањето на LTT 1445Ab може да ни каже повеќе за тоа што да очекуваме од останатите такви планети.
Истражувањето може да се најде на arXiv.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: sciencealert.com

Сподели.