Како се пренесува корона вирусот во разни услови

0

Неодамна излегоа две студии со анализи на ширењето на заразата со коронавирусот, едната за преносот во затворени простории и а другата за отворен простор. Во првиот дел од статијата е прикажана анализа како се шири заразата со коронавирусот во три различни простории (дневна соба, бар и училница) при различни услови, а во вториот дел се резултатите од студијата за пренос на зарзата на отворен простор. Работата е „Јој разлике – драстичне!“

Неодамна Ел Паис објави мошне интересна статија во којашто презентираше научни истражувања кои прикажуваат како се пренесува коронавирусот во затворен простор и каква е функционалноста на маските како средство за лична заштита од зараза со ковид-19. Презентираните резултатите од истражувањата за искуствата во Шпанија и светот се мошне интересни, особено ако се земе предвид дека се потенцираат ограниченоста на овој вид лична заштита во некои ситуации и потребата од воведување дополнителни мерки за нивно надминување.

Потребата ја наметнува ширењето на вирусот преку капки и аеросоли (микронски капки) коишто се исполнети со вирусот, а ги “испушта” болниот при процесот на дишење и зборување. При тоа аеросолите се поопасни бидејќи тие опстојуваат подолг временски период во воздухот во затворен простор. Во статијата е прикажана анализа како се шири заразата со коронавирусот во три различни простории (дневна соба, бар и училница) при различни услови – без маски и без провев, со маски но без провев и со маски и проветрување на просторот.

Во првата анализа се разгледува случајот кога во иста просторија во домот се наоѓа едно заразено лице заедно со пет други лица. Случајот го опишува настанокот на 31% од кластерите на зараза во Шпанија, каде преносот се случил при некаков вид дружба. Независно од тоа дали имало доволно растојание (фамозните 2 метра) помеѓу секој од учесниците во оваа “собиранка”, по шест часа поминати во меѓусебен разговор, ако никој од присутните не носи маска, останатите  петорица секако ќе ја префатат заразата од инфицираното лице. Ако присутните носат маски, бројката се намалува, но не толку драстично колку што би очекувале. Имено, наместо пет заразата ќе ја префатат четири лица. Ова се должи на тоа што маските не нудат ефективна заштита при подолга изложеност на зараза во затворен простор. Како што покажале симулациите, ризикот од префаќање на заразата драстично се намалува (под 1) само со внесување на нови фактори на заштита – проветрувањето на просторијата (фамозната “промаја“) и намалување на времето на изложеност. Ова се должи на тоа што се намалува изложеноста на аеросолите по обем (со ветреењето се носи нов воздух во просторијата, со што се намалува концентрацијата) или по времетраење.

korona 1

korona 2

korona 3

korona 4

Што се случува ако повеќе лица седат со еден заболен во домашна средина само при носење заштитни маски и со додавање на мерката вентилирање на просторот

Во моментов здравствените власти во Шпанија признаваат три вектора на пренос на коронавирусот – преку исфрлање мали капки при зборење или искашлување, во допир со загадени површини (т.н. фомити); и трансмисија преку аеросоли. Од Паис подвлекуваат дека ниту Американското CDC ниту пак неговиот европски пандан ECDC досега не е забележале ниту еден случај на пренос со допир на контаминирана површина. Од друга страна концентрацијата на аеросоли во воздухот заробен во затворена просторија без проветрување сè повеќе се згуснува со тек на време, мултиплицирајќи на можноста за зараза на овој начин.
На почетокот на пандемијата се сметаше дека главен вектор на пренос на заразата е со изложеност на големи капки со заразен материјал, коишто заболениот ги исфрла при кивање и искашлување. Но сега се знае дека покрај слабото проветрување на затворените простории во подолг временски период, викањето и пеењето исто така претставуваат ризик фактор за зараза. Имено, при говор со повишен тон во просторот се испушта дури 50 пати поголема количина заразни честички отколку кога не говориме воопшто, а количината на овие аеросоли постепено се зголемува со времетраењето на говорот. И, како што веќе нагласивме, без проветрување на просторот ваквата активност значително го зголемува ризикот од инфекција. Научните истражувања покажале дека продолженото присуство во простории, во зависност од времетрањето на ваквиот настан, како и природата на интеракцијата со останатите учеснициво него, може да доведе до инфекција на други луѓе во радиус од дури 5 метри. Ова може да се случи поради тоа што инфицираното лице испушта аеросоли и при вообичаениот процес на дишење, а секако и во случај кога маската не се носи правилно, па аеросолите непречено се ослободуваат во просторот. Пролетоска здравствените власти направија превид во поглед на можноста од ширње на заразата преку аеросоли, нешто што поновите истражувања за начините на ширење на заразата го истакнуваат како главен пат на пренос.

korona 5

Дисперзијата на вирусот во околниот простор настанува при нормално дишење при што заболениот испушта респираторни аеросоли и капки што го содржат вирусот. Количината на аеросоли ослободени во просторот се умножува зависно од тоа дали заболениот зборува и кашла

Кластерите поврзани со настани одржани во барови и ресторани, покриваат значаен дел од заразите што се случиле при некој социјален настан, а притоа и бројот на заразени во само еден ваков кластер е огромен. Како што велат искуствата еден просечен кластер поврзан со присуството на иста забава во некој ноќен клуб во просек брои околу 27 лица, додека при нормален семеен собир бројот на заразени во просек бил 6 лица. Еден ваков суперкласетер шпанците бележат во Кордоба, каде биле детектирани 73 позитивни случаи поврзани со посета на еден ист клуб во една вечер! Во еден научен труд се анализира и случајот со 12 заболени по посета на ист бар во Виетнам и покрај тоа што барот работел со намален капацитет од 50%. Симулациите покажале дека бројот на заболени би изнесувал 8 ако сите присутни во барот носеле маска, но со правилно проветрување (што не бил случај) ризикот би паднал на еден заразен од присутните 15 луѓе во барот.

korona 6

korona 7

Ризикот од пренос на вирусот во затворен кафе-бар исполнет до половина капацитет се сведува на минимум во случај кога посетителите сите носат маски но истовремено се врши и проветрување на просторијата

Ел паис понатаму известува за состојбата со школите. Имено, само 6% од кластерите на зараза забележани од Шпанските здравствени власти се поврзани со школите. Притоа динамиката на ширење на заразата зависи од тоа дали пациентот нула бил ученик или наставник. Ова се должи на тоа што наставникот зборува многу повеќе од учениците/студентите и притоа нивниот говор е погласен, со што се зголемува исфрлањето на потенцијално заразни честички во просторот. За разлика од ова, учленикот ќе зборува, најчесто, само ако му се обратат. Моделите на симулација со 24 ученици и еден наставник (кој е инфициран) покажале дека по 2 саати без проветрување и без маски 12 ученици ќе бидат заразени, а ако сите носат маски тогаш би се заразиле 5 ученици. Но доколку има провев (отворени прозорци и врата на училницата) и престојот наместо 2 часа да биде 1 час тогаш настанува значително намалување на ризиците за зараза (би се заразил потенцијално само еден ученик). Затоа од неодамна во Шпанија проветрувањето на училниците стана една од превентивните мерки и препораки за заштита од ширење зарази во школите, и покрај студеното време што ќе следи во наредниве месеци.

Korona 11

korona 12

korona 13

korona 14

Сценарио во кое заразениот држи предавање во полна училница. При држењето час без никакви заштитни мерки многу бргу заразата се пренесува на сите присутни во просторијата. При употреба на заштитна маска од страна на сите присутни сепак доаѓа до значително ширење на заразата. Со проветрување на училницата и носење заштитна маска ризикот од зараза се сведува на минимум.

Ризикот за пренос бил пресметуван со алатката Covid Airborne Transmission Estimator развиена од шпанскиот научник професоро Хозе Луис Хименес од Универзитетот на Колорадо. Алатката има за цел да ја истакне важноста од преземање мерки за намалување можноста на зараза преку аеросоли. Притоа таа не ги исцрпува, ниту може да ги претстави сите можни сценарија за една трансмисија но го илустрира начинот на којшто ризикот од пренос може значително да се намали со промена на одредени услови во затворениот систем. При сите симулации учесниците биле распоредени на препорачаното безбедно растојание од два метри, а се менувале останатите фактори: проветрувањето на просторијата, носењето маски, времетраењето на изложеност на аеросолите. Пресметките за ситуациите се изведени врз основа на искуствата од реални случаи на појавата на заразни кластери во САД, случаи кои биле детално анализирани и познати.

Настрана од ова во едно неодамнешно истражување за ризиците од ширење на заразата на отворен простор, спроведено за потребите на британската Паркран асоцијација, се нагласува дека нормалниот престој на отворено носи исклучително низок ризик од зараза од ковид, со оглед на тоа што се забележани енормно мал број случаи во кои дошло до ваква трансмисија. Во студијата се анализирана околу 25.000 случаи на заразување со коронавирусот и при тоа регистрирани е мал процент (околу 6%) кои се заразиле на отворен простор, но тоа секогаш било на поголеми собири (концерт, спортски настан…) каде има голем број на луѓе и намалување на препорачаното физичко растојание меѓу луѓето. Притоа временските услови како фактор за зголемено ширење на заразата се исто така битни, но само поради тоа што со себе носат промена во однесувањето на луѓето во поглед на нивниот престој на отворено. Имено, со намалување на температурите поголемиот дел од денот луѓето го поминуваат во затворени простории каде ризиците од зараза се многукрактно поголеми. Еден од авторите на студијата, професорот Мајкл Вид од универзитетот во Кантербери, вели: „Немаме идентификувано буквално ниту еден случај на заразување кој би го поврзале со таканаречениот секојдневен живот на отворено.

Заклучокот од студијата е: „За исти активности на исто растојание, надвор е многу посигурно отколку на затворено бидејќи вирусите брзо се разредуваат во атмосферата“.

Повеќе детали за ова прочитајте во наведената студија  тука

Превземено од: emiter.com.mk

Сподели.