Преку телескопот Хабл успеавме да најдеме 6 „мртви“ галаксии од младиот универзум

0

Ова откритие крева исто толку прашања колку и одговори.Сигурно си мислите дека големите галаксии во раниот универзум би имале доволно гориво за нови ѕвезди, но според едно ново истражување, тоа не е секогаш точно. Користејќи го Вселенскиот Телескоп Хабл и Големата Група од Милиметарски/Субмилиметарски Телескопи во Атакама (анг. Atacama Large Millimeter/Submillimeter Array – ALMA), астрономите открија шест рани галаксии (во периодот околу 3 билиони години по Големата Експлозија) кои се невообичаено „мртви“. Како „мртви галаксии“ ги сметаме оние галаксии кои немаат доволно ладен водород неопходен за формирање на ѕвезди. Според главната истражувачка Кејт Витакер, периодот за кој станува збор е можеби врвот на бројот за нови раѓања на ѕвезди, па каде исчезнал целиот водород е мистерија.

galax

Доближен поглед на две „мртви“ рани галаксии сликани со Вселенскиот Телескоп Хабл и ALMA. Заслуги: Joseph DePasquale (STScI)

Истражувачите ги открија галаксиите благодарение на силните гравитациски леќи предизвикани од галактички јата кои ја виткаат и доближуваат светлината од раниот универзум. Преку Хабл веќе откриваме каде се формирале ѕвезди во минатото, додека преку ALMA детектираме ладна прашина (замена за водород) и врз тие податоци правиме претпоставки каде би се формирале ѕвезди доколку биле исполнети сите услови.

Претпоставуваме дека од тогаш галаксиите се прошириле, но не поради раѓање на ѕвезди, туку преку спојување со други помали галаксии и гас. По тоа, формирањето на нови ѕвезди би било ограничено.

Овие откритија сведочат за придобивките од комбинирањето на податоците од Хабл и ALMA, а особено за можностите на Хабл кои нѐ изненадуваат дури и децении по неговото лансирање. Истовремено, тие ни ги покажуваат и границите на човечката технологија и човечкото разбирање преку поставување на нови прашања. Витакер додава дека научниците не се сигурни зошто овие галаксии „умреле“ толку бргу или што им се случило за да го изгубат своето гориво. Дали гасот премногу се загреал и избегал или пак се потрошил многу бргу? Со време, ќе дојдеме до одговорите, секако, доколку е возможно тоа.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: www.engadget.com

Сподели.