Космологија

0

Во 1514 римскиот папа го замолил полскиот астроном Никола Коперник да го реформира календарот. Коперник се согласил со тоа и рекол дека мораат да се испитаат односите меѓу небесните тела и нивните движења. Тоа е сторено во 1543 година, кога и умрел, со делото „За Револуцијата на Небесните Сфери”, документ со кој се разнишани темелите на аристотеловата концепција на космологијата, а и на она што било со неа заедно, христијанската теологија. Неговиот труд, производ на ренесансата, ги истакнува вредностите на логиката, математиката и набљудувањата. Коперник напишал: “Сонцето е централно, а Земјата орбитира околу Сонцето како и останатите планети.” Оваа космологија ги отстрани луѓето од централното место, каде беа во средиштето на божјето постојано внимание, и ја постави Земјата на небото, мешајќи го совршеното со несовршеното. Тоа беше почетокот на крајот на аристотеловиот космос. Но, коперниковиот хелиоцентричен систем, во кој Сонцето се смета за центар околу кој се движат планетите по кружници, во тоа време не бил поткрепен со набљудувањата. Напротив, доказите од набљудувањата биле на страната на птоломеевиот геоцентричен систем!

Коперниковиот хелиоцентричен систем

Коперниковиот хелиоцентричен систем

Постоеле и други практични причини зошто во тоа време не бил прифатен хелиоцентричниот систем. Тихо Брахе, најголемиот астроном во шеснаесетиот век, увидел дека доколку Земјата се врти околу Сонцето тогаш ѕвездите треба привидно да ја менуваат положбата видени под различни агли на земјината патека. Но, тогаш не постоеле докази за тоа што денес го нарекуваме паралакса. Заклучокот бил дека или Земјата била фиксна или ѕвездите биле на фантастична оддалеченост.

Галилео Галилеј, не е познат само како првиот експериментален физичар, туку и првиот човек што насочил телескоп горе, кон небото. Не е тешко да се замисли како Галилеј пуштал различни топки од кривата кула во Пиза пред голема публика и како успешен шоумен им го доловувал фундаменталниот научен закон, дека масата на телата не влијае на забрзувањето што тие го добиваат. Галилео Галилеј, незадоволен од апстрактната филозофија разведена од физичката стварност, конструирал телескоп и со него ги набљудувал мените на Венера (со тоа се докажува дека Венера се врти околу Сонцето како според теоријата на Коперник); го видел Јупитер со четирите сателити (пак, помалку директен доказ за коперниканизмот, сите небесни тела не се вртат околу Земјата и јупитеровиот систем претставува мини-сончев систем); тој забележал безброј ѕвезди во Млечниот Пат (доказ дека вселената е многу поголема од дотогаш веруваното); открил кратери и планини на Месечинта и погрешно заклучил дека рамните предели се мориња. Овие земјолики карактеристики на небесните тела, а и дамките што ги открил на Сонцето, докажуват дека тие воопшто не се совршени како што претпоставувала модерната теологија. Можеби Земјата и небото се подложни на исти закони и се изградени од исто нешто? Така, пропадна средновековната бариера помеѓу Земјата и небото, помеѓу етерот и материјата.

Само со помош на тазе измислениот дурбин на Галилео во раниот седумнесети век можеше да се умртви идејата за Земјата како центар на вселената. Во исто време Јохан Кеплер, ученик на Брахе, но еден од ретките кои го подржуваа Галилеј, го открил клучот на градба на хелиоцентричниот систем. Така, планетите не се движат по совршени кружници туку по елипси, во чиј еден фокус се наоѓа Сонцето.

Опсервациите на данскиот астроном Тихо Брахе (1546-1601) и теориската работа на Јохан Кеплер (1571-1630), и експериментите на Галилео, го поплочија патот за Њутновата физика. Њутновите равенки се користат безброј пати, од моделирање на галактички суперјата до цртање на орбитите на стелитите. Со Њутновите закони за движење и гравитација, Вселента престана да биде конечна и статична. Вселената се гледаше како бесконечна и динамична. Идејата за бесконечен универзум за добро поставената ортодоксија (со поткрепа во богословијата) беше шок. Можност за пространа, можно и, бескрајна Вселена, е предложена од англискиот автор Томас Дигс во 1576. Многу попознат е сепак Џордано Бруно кој инсистирал на тоа дека постојат “непреброиво многу сонца, и бескрајно многу земји кои се вртат околу овие сонца.” Во 1600 година, поради ваквите мисли, но повеќе поради политичките радикални ставови бил запален на клада. Ако Бруно е во право, Земјата е само една од многуте планети кои орбитираат околу една од многуте ѕвезди. Многу Европјани се чувствувале дезориентирни во просторот од ѕвезди позади ѕвездите позади ѕвездите… Францускиот математичар Блез Паскал напишал “Вечната тишина на тие бескрајните простори ме ужасува”.

Зенитот на Коперниканската револуција е одбележан со појавата на Њутновите Принципи. Во „Принципиа”, Њутн покажал дека новата космологија има физичка смисла според законите на движење. Познатите Три Њутнови закони и Општиот Закон за Гравитација важат и за земјини тела и за небесни тела; со нив се објаснува дека Месечината се однесува буквално исто како и јаболкото кое паѓа, но Месечината паѓа “околу” Земјата. Во принцип, овие закони ни овозможуваат точно определување на положбата на планетите со векови. Астрономите, дури, покажале дека овие закони се валидни за целиот космос. Покажале дека Халеевата комета се движи по елиптични патеки околу Сонцето според тие исти закони; двојните ѕвезди се вртат околу себе на начин предвиден од Њутн, се откриваат нови планети (како Уран) со помош на Њутновите равенки.

Но, отсуството на паралакса, ги натерало научниците да помислат дека ѕвездите се наоѓаат на бесконечна далечина. Се чинело дека космосот е пространо море од ѕвезди. Дури во деветнаесетиот век, математичарот и астроном Бесел, ја измерил далечината на ѕвездите со паралакса. Најблиската ѕвезда, различна од нашето Сонце, излегла дека била оддалечена 40 милиони милиони километри. За споредба растојанието Земја Сонце е само 150 милиони километри.

Повеќето од ѕвездите што ги гледаме се составен дел на Млечниот пат. Кант и други предложиле дека нашиот Млечен пат е “универзумско острово” во облик на леќа или галаксија, а исто така и дека позади нашата галаксија има други галаксии.

Покрај ѕвезди и планети, астрономите набљудувале и матни објекти кои се нарекуваат небули или маглини. Некои астрономи сметале дека маглините се далечни галаксии. Но, само пред 80 години, американскиот астроном Едвин Хабл потврдил дека само некои од маглините се далечни галаксии со големини на Млечниот пат.

Сепак, најважно откритие на Хабл е фактот што галаксиите се оддалечуваат од нас со брзина пропорционална на оддалеченоста. Набрзо било потврдено дека неговото откритие има многу природно објаснување со помош на Ајнштајновата Општа теорија на релативност. Нашата Вселена се шири!

Сподели.