Зошто Плутон повторно да биде планета?

0

Дебатата дали Плутон треба да го сметаме за планета или не беше актуелна со години, што во 2006 година доведе до негова рекласификација во џуџеста планета од страна на Меѓународната астрономска унија (IAU). Но, деновиве дебатата повторно се активираше.

Алан Стерн, од Југозападниот истражувачки институт во Болдер, Колорадо – човекот кој ја водеше мисијата Нови Хоризонти на Плутон во 2015 година, од неодамна е коавтор на напис кој предложува менување на дефиницијата за планета. Според новата дефиниција, секое доволно големо тело во Вселената, па и сателит, би било класифицирано како планета.

Написот е објавен од Lunar and Planetary Science Conference, каде ќе биде презентиран во Тексас наредниот месец, од страна на авторот Кирби Ранјон (Kirby Runyon) од Универзитетот Џон Хопкинс во Балтимор, Мериленд.

„Ќе има три критериуми за планета“ – вели Стерн за IFL Science. Првиот е да се работи за тело во Вселената. Број два е да биде доволно големо за неговата гравитација да му обезбеди сферична форма. И број три е да не биде толку големо за во неговата внатрешност да започнат реакции на фузија.“

Ако ова биде прифатено, бројот на планети во нашиот Сончев Систем ќе порасне од 8 на приближно 110. Тука ќе бидат вклучени досегашните планети, џуџестите планети, дури и големите сателити како Титан, Европа, дури и нашата Месечина.

Зошто Плутон повторно да биде планета?

Алан Стерн (лево) беше водечки истражувач на мисијата Нови Хоризонти. Заслуги: NASA/Bill Ingalls

Целта на предложената рекласификација е да се нагласи дека световите како Плутон не се помалку важни од оние кои ги сметаме за планети. Досегашните критериуми за планета се разликуваат од новите само во третата точка – условот да телото ја има исчистено својата орбита од други тела. Овде лежи и потребата од рекласификација на Плутон, а воедно и најконтроверзниот дел од дефиницијата, бидејќи како што многумина посочија дури и Јупитер, па и Земјата не го исполнуваат овој критериум (мноштво астероиди се наоѓаат во близина на орбитите на двете планети).

Зошто Плутон повторно да биде планета?

Во Сончевиот Систем има многу природни сателити кои би можеле да бидат класифицирани како планети. Заслуги: NASA

Класификацијата е контроверзна и за егзопланетите. Како што откриваме сè повеќе и повеќе планети надвор од Сончевиот Систем, со разни големини и облици, овој недостаток се нагласува. Интерпретацијата на новооткриените светови е различна во зависност од тоа дали ќе ја карактеризираме како планета или џуџеста планета. Од геолошка гледна точка, сите планети (сферични тела) се важни и вредни за истражување. Но, оваа студија укажува на тоа дека планетата треба да биде разгледувана во однос на нејзините физички карактеристики повеќе отколку врз основа на она што се случува во нејзината внатрешност.

„Термин како сателит е добар за одредување локација, но не го опишува видот на објектот во орбитата“ – вели Стерн. „Кога објектот е доволно голем да биде планета и да орбитира околу друга планета, тогаш може да го наречеме планета. Ѕвездите орбитираат околу ѕвезди, галаксиите околу галаксии. Во Универзумот планети орбитираат околу други планети – тоа е факт кој не може да биде побиен.“

Сива област се кафеавите џуџиња, големи тела кои сепак немаат доволно маса да иницираат процеси на нуклеарна фузија во своите јадра, па спаѓаат на границата помеѓу џиновски планети и ѕвезди според двете дефиниции.

Да се има 100 планети наместо само 8 за учење би било прилично тешко. Стерн укажува на тоа дека во многу полиња на науката има слични системи на класификација. Имено, во периодниот систем има повеќе од 100 елементи, но на учениците не им се бараат имињата на сите – само треба да знаат дека има голем број, исто како што не треба да се знаат имињата на сите реки и планини.

Зошто Плутон повторно да биде планета?

Десет поени доколку ги погодите имињата на оваа река и планина. Заслуги: Martinho Smart/Shutterstock

Со развојот на технологијата,бројот на познати тела во Сончевиот Систем забрзано се зголемува. Во Кајперовиот појас и зад него би можело да има стотици други тела и планетоиди, како што е Планета Девет, чие постоење беше предложено лани.

Стерн нагласува дека сè уште не поднеле барање за рекласификација до IAU, како и дека тие можеби не се соодветното тело за носење на оваа одлука. IAU претежно е составена од научници кои проучуваат црни дупки, галаксии итн. Други организации со планетарни научници веројатно би биле посоодветни. Навистина, во многу од овие научни кругови, за многу од големите сферични тела се зборува како за планети. Световите како Титан и Европа имаат карактеристики на планети, што е уште еден агрумент кој покажува дека евентуална промена не би била неправилна.

Предлогот нема да го прифатат сите. Идејата за Плутон повторно како планета на некои ќе им биде романтична, но на некои веќе стара приказна, без некоја причина да се обновува. Уште тогаш во 2006 ставот на Стерн беше дека е – „засрамен од астрономијата,“ на одлуката за одземање на статусот планета на Плутон. Нови Хоризонти покажа дека овој свет е подеднакво фасцинантен како и многу други, па можеби е време за преиспитување на некои одлуки – или не, зависи кого ќе прашате.

Превод  Милан Велков

Извор: IFL Science

 

Сподели.