Зошто на роверите на Марс им е забрането да ја истражуваат водата?

0

Нормално, сите сме возбудени поради пронаоѓањето на течна солена вода на површината на Марс. Роверот Кјуриосити (Curiosity) се наоѓа на околу 50 километри од местото на овој пронајдок. Но, благодарение на меѓународната спогодба од 1967 година,  било какво испраќање на ровери, па дури и луѓе за да ги истражуваат овие мини-„реки“ веројатно ќе мора да бидат одложени, па и забранети, поради опасноста од контаминација.

Зошто на роверите на Марс им е забрането да ја истражуваат водата?

Сондите Викинг на НАСА (на фотографијата е прикажана сондата Викинг 2), во 1976 година, се првите и единствени кои досега се впуштиле во потрага по живот на Марс. Заслуги: NASA

Темните линии познати како повторувачки падински линии (recurring slope lineae – RSL) ја потврдија претпоставката за постоење на течна вода на површината на Марс денес. Ваквите региони, за жал, се назначуваат како „посебни области“ од странана Комитетот за вселенско истражување (COSPAR). Овие места се такви, за кои, поради правилата за планетарна заштита, би било дозволено да се истражуваат само од страна на стерилна сонда. Причината е едноставна – заштита од микроби кои потекнуваат од Земјата, како и од потенцијални човечки мисии или ровер како што е Кјуриосити. Проблемот на истражување на населиви области на Марс не се експлодирачките ракети, намалување на буџетот, политички игри или нешто слично, туку животот сам по себе – особено издржливоста на Земјините микроби, како и потенцијалната кревкост на оние на Марс.

Кое е решението? Сите знаеме дека НАСА планира да испрати луѓе на Марс за првпат во средината на 2030-те, па можеби некои астрономи-среќници ќе можат да ја погледнат течната вода на Марс со свои очи. Друга опција би била испраќање на роботи способни да изградат други роботи, кои пак ќе можат да ја истражат водата со помал ризик од загадување. Минатата година, НАСА објави дека развива роботи кои ќе можат со 3D-принтање да изработуваат инфраструктура на Марс, па и тоа би можело да биде опција.

Дотогаш, Кјуриосити и неговиот пријател, роверот Опортјунити, ќе мораат да уживаат во несигурноста на својата чистота, и да се држат што е можно подалеку од водата.

Превод: Марина Димовска

Извор: Science Alert, IFL Science

Сподели.