Унапредување на роботиката ќе придонесе кон покомплетно истражување на замрзнатите месечини

0

Во декември 2013 беше објавено дека со помош на вселенскиот телескоп Хабл (Hubble) беа откриени докази за вода која истекува од површината на Европа. Оваа Јупитерова месечина е позната по замрзнатата површина, што значи дека ако е откриена вода која излегува на површината, постои и можност за опстанок на живи организми. Оттогаш, никогаш повторно не бил забележан ваков извор и научниците се обидуваат да откријат зошто е тоа така. Во меѓувреме, можноста за откривање на ваквите извори отвора нови предизвици за усовршување кон најдобрите начини со кои ќе може да се направат истражувањата. Но, дури и да не успееме да најдеме вода во течна состојба на површината на Европа, познато е дека изворите и млазовите се честа појава на Енцелад, една од месечините на Сатурн.

Еден од главните проблеми на кои треба да се поработи е задоцнетата комуникација. Мисијата Касини уште од 2004 година е околу Сатурн и прави снимки од планетата и нејзините месечини.

Со унапредување на роботиката кон покомплетно истражување на замрзнатите месечини

Научниците користат фотографии од ваков тип за полесно да ги лоцираат местата со млазови од замрзнати честички, водена пареа и да го откријат присуството на органски соединенија на површината на Енцелад. Извор: NASA/JPL

Но, вселенските летала во надворешноста на Сончевиот систем не се во можност да реагираат во реалното време на случување. Со оглед на тоа што се многу далеку од Земјата, радиосигналите патуваат неколку часа пред да дојдат, а леталата функционираат по однапред програмирани рутини и се контролирани од Земјата. Ова претставува проблем дури и на Марс, објект кој е релативно близу до нас, а сепак на сигналите им се потребни 40-тина минути. Станува збор за залудно изгубено време кое роверот го поминува чекајќи наредба на површината, не правејќи ништо. Решението за ваквите проблеми е да се започне со употреба на поинтелигентни роботи кои ќе се адаптираат на околината. Досега, направени се пробни експерименти на места со екстремни климатски услови овде на Земјата, на пример на Андите. Роботите се програмирани за да ги знаат приоритетите на мисијата, што се случува во околината и имаат програмирани шаблони за како треба да изреагираат во случај на некој невообичаен, важен настан.

Со унапредување на роботиката кон покомплетно истражување на замрзнатите месечини

Уметнички приказ на замрзнатите месечини на Јупитер. Извор: ESA/AOES

Натали Карбол, која е истражувач во институтот СЕТИ и одговорна за ова истражување, веќе две децении работи на адаптација на роботи низ различни животни средини, од пустински до планински. Исто така, таа додава дека за поуспешни истражувачки мисии на месечините потребно е да се испраќаат групи од роботи кои ќе комуницираат меѓусебно од површината и орбитата, создавајќи покомплентна слика за околината.

Превод: Михаела Стојановска

Извор: Phys

Сподели.