Тимот за пробивот за Големиот прскот признава дека можеби грешат

0

Американските астрофизичари кои само пред неколку месеци го објавија она за коешто сметаа дека е важно откритие за тоа како настанал Универзумот признаваат дека можеби направиле грешка. Тимот изјави дека идентификувале гравитациони бранови кои навидум одекнувале низ Вселената веднаш по Големиот прскот (The Big Bang). Во случај овие бранови да се точнo идентификувани – предвидени од теоријата на релативност на Ајнштајн – би потврдиле брз и жесток раст на Универзумот во првото делче од секундата на создавање, пред 13.8 милијарди години.

Првиот директен доказ за т.н. космичка инфлација – теорија за ширењето на Универзумот за 100 трилиони трилиони пати за делче од секундата – беше објавен во март од страна на експертите на Harvard-Smithsonian Центарот за Астрофизичари. Откритието беше направено со помош на телескопот BICEP2 (Background Imaging of Cosmic Extragalactic Polarization), стациониран на Јужниот пол. Тимот го објави својот труд во американското списание Physical Review Letters.

Во краток преглед, тимот изјави дека нивните модели „не се доволно поддржани од надворешни јавни информации за да ја отфрлат можноста за доволно светло зрачење со што би се образложил целиот вишок сигнал“, како што било изјавено од други научници кои го побивале нивниот заклучок. „Детектирањето на овој сигнал е една од најважните цели на космологијата денес“, изјави астрофизичарот Џон Ковач од Харвард кој го предводеше тимот на научници.

Преку набљудување на космичкиот микробранов шум, или слабото зрачење останато уште од Големиот прскот, научниците велат дека малото варирање им дало нови знаци за состојбата на раниот Универзум. Гравитацските бранови се бранувале низ Универзумот 380,000 години по Големиот прскот и овие слики биле фатени од телескопот.

Со недели некои научници ги искажуваат своите сомнежи за откритијата на тимот на BICEP2. Давид Спергел, теоретски астрофизичар на Универзитетот Принстон, провери дали тоа што телескопот BICEP2 го забележа доаѓа од првите моменти од постоењето на Универзумот. „Знаеме дека галаксичката прашина емитира поларизрани радијации. Тоа можеме да го забележиме во повеќе предели на небото и она што го истакнавме во нашиот извештај беше тоа што шаблонот којшто е забележан е исто толку доследен со тие радијации колку што се гравитацските бранови.“ изјави Спергел.

Тој исто така рече дека прашањето најверојатно ќе биде разрешено во наредните месеци, кога друга група која што работи со телескопот Планк на Европската вселенска агенција, ќе ги објави своите резултати. Овој телескоп набљудува голем дел од небото, за разлика од BICEP2 со своите два проценти, и ги прави мерењата со шест фрекфенции, споредено со BICEP2 кој ги прави со една.

Превод: Мартина Вељановска

Извор: Phys.org

Сподели.