Тестирање на мултиверзумот со помош на балони

0

Колекција од универзуми. Заслуги: Perimeter Institute

Да претпоставиме дека нашиот Универзум е балон, и дека постојат други универзуми во други балони. Истражувачите направија симулација на тоа што би се случило доколку би дошло до судир на два вакви балони, а нивната работа би можела да ја раскаже приказната за хипотетички универзуми кои се судираат. Со тоа, теоријата за постоење на мултиверзум, наместо само далечна претпоставка, би станала хипотеза која може да се тестира.

Што би се случило доколку дојде до судир на два универзуми и како би изгледал ударот за астрономите на Земјата? Научниците велат дека симулацијата на универзум е лесна – со оглед на тоа што се работи за отсликување на големи размери, тие воопшто не мора да водат сметка за секој атом, секоја ѕвезда, или секоја галаксија. Сè што е потребно се гравитација и она што прави балоните да се придвижуваат. По судирот кој го симулирале со помош на компјутер, поставиле виртуелен набљудувач од различни точки и се запрашале што би гледал секој од нив. На пример, два балони кои се судираат би оставиле диск на небото – кружна „модринка“ во космичкиот микробранов фон. Земајќи го предвид фактот што досегашната потрага по ваков диск нема резултати, истражувачите можат да исклучат одредени модели на слични судири.

Во моментов тимот се обидува да открие какви други видливи трагови би оставил судирот на два универзумски балони. Иако до сега не е пронајден ниту еден од овие знаци, некои од нив се можни и оправдано е барем да се трага по нив.

Извор: IFL Science

Превод: Марина Димовска

Сподели.