SOFIA потврдува постоење на близок планетарен систем сличен на нашиот

0

Летечката опсерваторија на NASA – SOFIA (Stratospheric Observatory for Infrared Astronomy) неодамна заврши едно истражување на планетарен систем во наша близина. Испитувањата потврдија дека овој систем има многу сличности на нашиот Сончев Систем.

SOFIA потврдува постоење на планетарен систем во близина сличен на нашиот

Уметничка претстава за системот Epsilon Eridani, во кој е прикажана и планетата Epsilon Eridani b, како и појасот од астероиди и комети кој ја опкружува ѕвездата. Заслуги: NASA/SOFIA/Lynette Cook

На растојание од 10,5 светлински години, во соѕвездието Еридан (Eridanus) на јужната хемисфера, околу ѕвездата Епсилон Еридани (Epsilon Eridani, скратено eps Eri) се наоѓа најблискиот планетарен систем околу ѕвезда која е слична на нашето Сонце во неговите рани денови. Ова дава одлична можност за проучување на еволуцијата на планети кои се формираат околу ѕвезда слична на нашето Сонце, а воедно таа е и легендарната локација на вселенската станица во серијата Babylon 5.

Претходни истражувања потврдија дека eps Eri има диск од остатоци (име за остатокот од карпи кои орбитираат околу ѕвезда откако ќе заврши создавањето планети) кој може да е во форма на гас, прашина или мали карпести тела. Овие дискови може да се широки и континуирани или распоредени во појаси, како на пример Кајперовиот Појас во нашиот Сончев Систем. Интересно е што прецизните мерења на движењата на eps Eri укажуваат дека планета, со маса скоро идентична на онаа на Јупитер, кружи околу неа на растојание споредливо со она меѓу Јупитер и Сонцето.

Со новите слики на SOFIA, Кејт Су и нејзиниот тим од Универзитетот во Аризона можеа да ги разликуваат двата теоретски модела за локацијата на остатоците од чад и прашина во eps Eri системот. Овие модели произлегуваат од поодамнешни податоци на NASA’s Spitzer space telescope.

Едниот модел вели дека остатоците се наоѓаат во два тесни прстени, кои би одговарале на позициите на астероидниот појас и орбитата на Уран. Oвој модел укажува на тоа дека најголемата планета во еден систем најчесто е асоцирана со појас од остатоци.

SOFIA потврдува постоење на близок планетарен систем сличен на нашиот

Илустрација на внатрешниот и надворешниот дел на системот Епсилон Еридани, основана на набљудувањата од страна на телескопот Спицер, и споредба со соодветните елементи од Сончевиот Систем. Заслуги: NASA/JPL/Caltech/R. Hurt (SSC)

Другиот модел ги припишува остатоците од прашина која потекнува од појас сличен на Кајперовиот. Овде материјалот е во широк диск, а не во прстени слични на астероидните појаси, ниту пак е во близина на некоја од планетите.

SOFIA покажа дека распоредот на топлиот материјал околу eps Eri одговара на првиот модел. Има најмалку еден тесен појас, а не само еден широк, континуиран диск.

Овие набљудувања беа можни поради поголемиот дијаметар на телескопот на SOFIA во однос на Spitzer – 100 инчи или 2,5 метри наспроти 33,5 инчи или 0,85 метри. Тоа му овозможи на тимот да разликува детали до три пати помали од оние што можат да бидат видени со Spitzer. Вреден за спомнување е и FORCAST (the Faint Object infrared Cаmera for the SOFIA Telescope) , кој му овозможи на тимот да ја детектира најсилната инфрацрвена емисија од топлиот материјал околу eps Eri, со бранова должина меѓу 25 и 40 микрони, која не може да се детектира со опсерваториите на Земјата.

Високата резолуција на SOFIA, широкиот опсег на бранови должини кои можат да се детектираат, како и FORCAST, го овозможија разрешувањето на топлата емисија од околината на eps Eri и го лоцираа топлиот материјал близу до орбитата на една од планетите која одговара на Јупитер (слика 2).

SOFIA е летало кое е модифицирано и наменето за носење на 100-инчниот телескоп. Во заеднички проект соработувале NASA и German Aerospace Center, DLR. Со програмата SOFIA се раководи од истражувачкиот центар во Ames, California во соработка со Universities Space Research Association и German SOFIA Institute (DSI) од Универзитетот во Sttutgart.

Ова истражување е објавено во Astronomical Journal.

Превод: Милан Велков

Извор: NASA

Сподели.