Што ќе се случи ако се обидеме да стапнеме на Јупитер?

0
Што ќе се случи ако се обидеме да стапнеме на Јупитер?

Јупитер, со сиот свој сјај. Извор: NASA

Навикнати сме да ги замислуваме луѓето овде на површината на Земјата и можеби во скоро време на Марс, но кога ќе погледнеме планета како Јупитер едно од првите прашања кои ни паѓаат на ум е дали можеме да застанеме на површината? Ако ги тргнеме на страна екстремните услови (гравитација, атмосферски притисок, високи температури и ветрови) кои може да се најдат на џиновската планета и погледнеме зад атмосферата, ќе наидеме на спектакуларна глетка. Станува збор за џиновски океан од течен метален водород, кој изгледа и се однесува како живата, но неговата густина е 60% од густината на водата, па така би требало да тонеме илјадници километри кон внатрешноста за да наидеме на врело, стопено, карпесто јадро кое веројатно е во цврста состојба. Мапирањето на оваа планета е токму една од целите на мисијата Јунона (Juno), која неодамна пристигна до Јупитер. Планирано е со помош на прецизни гравитациски и електромагнетни мерења да се истражи што поточно се случува под облаците на Јупитер.

Засега, да се задржиме на податоците кои веќе ги имаме. Јупитер е многу жешка планета, со околу 630°C. Со придвижување надолу низ атмосферата, температурата брзо опаѓа, со зголемувањето на брзината на ветрот и притисокот. Комбинацијата од високиот притисок и падот на температурата (до 150°C) беше кобна за леталото Галилео, чиј обид за слетување на планетата во 1995 година заврши неуспешно. Сепак, оттогаш минаа 20-тина години, па може да претпоставиме дека овој пат би имале повеќе успех. На 500 километри видливоста е речиси целосно оневозможена поради дебелите облаци од амонијак и силните ветришта чии брзини достигнуваат околу 100 метри во секунда. Под облаците од амонијак има водени облаци и покомплексни атмосферски ефекти. Понатаму, по околу 2-3 часа  би стигнале и до течниот океан. До тешките елементи може да се достигне по неколку часови паѓање. Што значи во никој случај не би можеле да застанеме на океанот. Под овие слоеви се смета дека Јупитер може навистина да има карпесто јадро, веројатно слично на оние на карпестите планети. Мисијата Јунона ќе ни помогне да се одговорат овие прашања.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.