Пронаоѓање на вонземски живот преку детекција на загадувањето во атмосферите на планетите

0

Со информациите кои ги добиваме од емитуваната светлина при набљудување егзопланти кои орбитираат околу своите ѕвезди можеме да дознаеме многу за составот, а со тоа и за тамошните услови за живот. Вообичаените хемиски индикатори за постоење на живот на далечните планети се водна пареа и јаглерод диоксид. Но, новиот Џејмс Веб Вселенски Телескоп (James Webb Space Telescope) ќе биде во можност да го детектира и загадувањето, несаканата последица  која е знак за постоење на интелигентен живот.

Штетни органски соединенија составени од гасовите хлор, флуор и јаглерод (CFC) биле широко употребувани за индустриски цели сè до Монтреалскиот пакт од 1987 година, кога нивната употреба била забранета. Новиот телескоп кој треба да се лансира во 2018 година ќе може да детектира два типа од овие соединенија на далечина од илјадници светлински години, со претпоставка дека нивната застапеност во атмосферите е 10 пати поголема споредено со Земјата.

За да се пронајде толку висока концетрација на CFC соединенијата треба да се истражуваат планетите кои орбитираат околу белите џуџиња. Овој тип на ѕвезди е најзастапен во Млечен пат (со околу 97%) и настанува при умирање на една ѕвезда која не е доволно масивна за да стане неутронска ѕвезда. Но, како негативен фактор за оваа истрага е токму тоа што пред да станат бело џуџе, овие ѕвезди поминуваат низ фазата на црвен џин и најчесто ги проголтуваат планетите околу себе.

Но, под претпоставка астрономите да успеат да најдат населена планета која го преживеала настанувањето на бело џуџе и е многу загадена, ние ќе успееме да детектираме сериозен кандидат за планета на која постои интелигентен живот. Конкретно, на Џејмс Веб телескопот му се потребни многу конкретни и специфични фактори за успешно детектирање на атмосферско загадување. Но, научниците сметаат дека новите телескопи во блиска иднина ќе успеваат  многу полесно да ги детектираат овие видови на соединенија на планетите околу ѕвездите слични на нашето Сонце.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.