Присетување на Јуџин Сернан

0

Јуџин Сернан, последниот човек кој чекореше на Месечината, почина на 16-ти јануари, опкружен од своето семејство.

Фото галерија од Јуџин Сернан

Клипови од Јуџин Сернан од „Последниот човек на Месечината“, документарен запис од режисерот Марк Шепард.

Сернан, капетан во американската морнарица, остави свој белег во историјата на истражувањето со тоа што три пати беше во Вселената, од кои два пати на Месечината. Тој беше и вториот Американец во Вселената и последниот човек кој стапна на површината на Месечината.

По смртта на Сернан, Чарлс Болден од НАСА изјави: „Навистина, Америка изгуби патриот и пионер кој помогна да се оформи нашата храбра амбиција да правиме нешта кои човештвото претходно ги немало постигнато“.

Една изјава од семејството на Сернан гласи: „Дури и на 82 години, Џин чувстуваше страст да ја дели неговата желба да го доживее континуираното истражување на човештвото за Вселената и ги охрабруваше нашите лидери и млади луѓе да не дозволат тој да остане последниот човек кој одел по површината на Месечината“.

Сернан беше еден од 14-те астронаути избрани од НАСА во октомври, 1963-та година. Тој пилотираше во мисијата Гемини 9 (Gemini 9) со командантот Томас П. Стафорд во тридневниот лет во јуни, 1966-та година. Сернан помина повеќе од два часа надвор од капсулата.

Во мај 1969-та, тој беше пилот на лунарниот модул на Аполо 10, првиот сеопфатен квалификациски и верификациски тест на Месечевата сонда. Мисијата ги потврди перформансите, стабилноста и сигурноста на командата на Аполо, услугите и лунарните модули. Мисијата вклучи спуштање до осум наутички милји од површината на Месечината.

Во 2007-ма година, во интервју за НАСА, Сернан изјави: „Упорно му велам на Нил Армстронг дека ја исцртавме таа бела линија на небото до Месечината до 47.000 стапки, за тој да не се изгуби и сè што тој требаше да стори е да слета. На некој начин му олеснивме“.

Присетување на Јуџин Сернан

Командантот на Аполо 17, Јуџин Сернан, и американското знаме на површината на Месечината. Заслуги: NASA

Сернан за заврши својата истражувачка кариера во Вселената како командант на последната човечка мисија на Месечината во декември, 1972-ра година. Екипажот ја направи историската фотографија на нашата планета Земја, со целосно опфатени две хемисфери – „целата Земја“ со поглед кон Африка, Арапскиот полуостров и јужниот поларен регион. Фотографијата доживеа огромна популарност и уште беше нарекувана „Сината стаклена топка“ (Blue Marble) – наслов кој се користи за серија фотографии од проектот NASA Earth.

Аполо 17 постави неколку нови рекорди за човечките летови во Вселената, вклучувајќи ја најдолгата мисија (301 час и 51 минута), најдолгите активности на површината на Месечината надвор од возилото (22 часа и 6 минути), како и најдолго време во орбита на Месечината (147 часови и 48 минути).

Сернан и Харисон Х. (Џек) Смит изведоа три успешни екскурзии до локалните кратери и долината Таурус-Литроу, со што Месечината претставуваше нивен дом повеќе од три дена. Кога ја напушти површината на Месечината Карнан изјави: „Денешниот американски предизвик ја оформи утрешната судбина. Како што ја напуштаме Месечината и долината Таурус -Литроу, си одиме како што дојдовме, и, со Божја волја, ќе се вратиме во мир и надеж за целото човештво“.

„Аполо 17 значајно ги надогради сите мисии“ изјави Сернан во 2008, присетувајќи се на мисијата кога агенцијата славеше 50-годишнина. „Имавме лунарен ровер, бевме во можност да покриеме повеќе од површината на Месечината отколку повеќето од претходните мисии. Останавме таму подолго. Бевме на уникатни места на планините, за да научиме нешто за историјата и потеклото на Месечината“.

На нивниот пат кон Месечината, екипажот на Аполо 17 ја направи една од најкултните фотографии во историјата, целосен поглед кон Земјата под наслов „Сината сталклена топка“. „И покрај славата која ја доживеа оваа фотографија, таа не беше вистински ценета“ изјави Сернан во 2007-ма.

Присетување на Јуџин Сернан

Оваа фотографија од Земјата беше фотографирана на 7-ми декември 1972-ра година. Credits: NASA

„Кое е вистинското значење на фотографијата? Секогаш сум велел и сè уште верувам, ќе биде – скоро педесет сега, но педесет или сто години во историјата на човештвото пред да се свртиме назад и вистински да го сфатиме значењето на Аполо. Навистина да се разбере што човештвото стори кога ја напуштивме, кога навистина ја напуштивме оваа планета, и бевме во можност друго тело во овој Универзум да го наречеме наш дом. Го сторивме тоа прерано ако се земе предвид што правиме сега во Вселената. Скоро како Џон Кенеди да го достигнал 21-от век каде што сме денес, да зграпчил цела деценија и уредно ја сместил во 60-те и 70-те и ја нарекол Аполо“.

На 1-ви јули, 1976-та, Сернан се пензионираше после 20 години служба во морнарицата и ја заврши својата кариера во НАСА. Се ориентираше на приватен бизнис и работеше како телевизиски коментатор за раните летови на вселенските летала.

Сернан беше роден во Чикаго, на 14-ти март во 1934-та година. Дипломирал како електро инженер на Универзитетот Пердју (Purdue University) во 1956-та, а магистрирал аеронаутика во Калифорнија.

Сернан има сопруга, Џен Нана Сернан (Jan Nanna Cernan), ќерка и зет, посинети ќерки и девет внуци.

Превод: Александра Бошкова

Извор: NASA

Сподели.