Потврдено: Астероид е причината за изумирањето на диносаурусите

0
Заслуги:  SMBC Comics

Заслуги: SMBC Comics

Научници откриле веродостоjни докази кои ја потврдуваат тезата која посочува кон голем астероид, како причина за изумирањето на диносаурусите пред повеќе од 66 милиони години. Постојат повеќе претпоставки кои се поврзани со овој конкретен настан на изумирање, кој овозможил подлога за процесот на еволуција на нашиот вид. Претпоставките опфаќаат теми како климатска промена, нуклеарна зима создадена од вулкански ерупции од базалитна лава, радиоактивно озрачување од експлозија на блиска супернова (или можеби излив на гама-зраци), како и претпоставката за удар од страна на астероид, која претставува фаворит за биолозите и палеонтолозите во изминатите декади.

Според Паул Рене, директорот на Геохронолошкиот Центар на Универзитетот Беркли, ударот од астероидот најверојатно претставувал еден од повеќето придонесувачки фактори за падот на праисториските животни, со оглед на тоа што многу од нив веќе биле во процес на изумирање; сепак, Рене вели дека ударот од астероидот бил главниот фактор кој драстично влијаел.

Никогаш не постоел сомнеж за судир со астероидот, но постои сомневање за точниот датум на овој настан. Научниците се обидуваат да одредат дали колизијата се случила 300 000 години по изумирањето на последниот диносаурус. За оваа цел Рене и неговиот тим, преку високо-прецизни радиометриски анализи за датирање, во овој случај со “аргон-аргон датирање“, успеале да го одредат досега најпрецизниот датум на судирот: пред 66 038 000 години.

Методот на калиум-аргон датирање е можеби најдобриот начин за одредување на периодот на распаѓање на материјалите, со оглед на тоа што калиумот, кој е природно радиоактивен елемент, регуларно се распаѓа во аргон.

Доволен е релативно мал астероид за да предизвика доста голема штета на нашата планета, согледувајќи дека секој објект кој е доволно голем за да го преживее падот низ Земјината атмосфера ќе има голема кинетичка енергија пред да се судри со површината на Земјата. Само како пример, доколку објект со дијаметар од околу 10 километри се движи со брзина помеѓу 15 и 20 километри во секунда, тој објект ќе има кинетичка енергија од околу 300 милиони нуклеарни бомби кои истовремено експлодираат.

Веднаш после еден ваков судир, Земјата ќе подлежи неколку брзи промени; интензивна ослепувчка светлина, големи радијациски горења, експлозивен бран, смртоносни топки од жежок гас, ветришта со брзини од стотици километри на час и пожари. Рушевините ќе се најдат во стратосферата, каде ќе засенуваат голем дел од Сончевата светлина, ефект кој драстично би влијаел врз растенијата и животните. Без процесот на фотосинтеза од страна на растенијата, нивото на кислород драматично ќе опадне. Очигледни се причините зошто една ваква состојба е лоша за нас.

Астероидот кој ја удрил нашата планета, при крајот од Мезозојската ера, бил околу 10 километри во дијаметар. Истиот создал енергија од околу 100 трилиони тони ТНТ, што е милијарда пати поенергетски од бомбите кои ги уништија Нагасаки и Хирошима за време на Втората светска војна. Овој астероид направи кратер, наречен Chicxulub, кој е околу 180 километри широк.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: From Quarks to Quasars

Сподели.