Побиена теоријата на заговор за хемиски траги

0

Научното и прво службено рецензирано истражување за хемиските траги (chemtrails) е објавено пред две недели во весникот Environmental Research Letters и ги содржи резултатите кои би требало да допринесат кон отфрлање на теоријата на заговор за тајниот план за уништување на човештвото и намалување на популацијата преку штетни хемиски состојки.

Бројот на приврзаници на теоријата на заговор за масовно труење на популацијата, храната и достапните водни резерви со отровни хемикалии коишто се испуштаат од авионите се прошири глобално, на поголемиот дел од популацијата, а во новата теорија се вклучени и светската елита, војската и владините организации. Бројни фотографии со постојаните траги на небото сликани од авион и од копно, од сите делови на светот, повеќе не претставуваат ударна вест ниту нешто непознато, додека научниците кои ја проучуваат атмосферата со сите сили се борат да ја вратат довербата на популацијата и да ги побијат барем дел од тврдењата.

Истражувачите од Институтот за наука Карнеги при Универзитетот во Калифорнија, (Carnegie Institution for Science), и од непрофитната Near Zero организација спровеле испитување на 77 хемичари и геохемичари кои ја проучуваат атмосферата, за присуството на докази за авионска отровна програма со цел прскање на светот, и добиле 76 негативни одговори. Кои тајни се кријат во резултатите од единствениот научник кој наишол на висока стапка од атмосферски бариум онаму каде што неговата стапка би требало да биде ниска, на јавноста и понатаму не ѝ е познато.

Кондензациските траги од авионските мотори остануваат на небото одреден период, а научниците кои спровеле ново истражување истите ги припишуваат на воденото испарување, зголемениот авионски сообраќај во последните неколку децении, глобалното затоплување и климатските промени. Резултатите кои лежат во подлогата на теоријата на заговор и допринесуваат за веродостојноста на таквите уверувања во голем дел се должат на лошата методологија на прибирање и испитување на примероците, кои без свесно знаење се контаминирани поради мешање со токсичните супстанци, како преостанати метали во стаклените тегли.

„И покрај упорноста на погрешните теории за атмосферските програми за хемиско запрашување, досега не постоеле академски рецензирани студии кои покажуваат дека она што некои луѓе го сметаат за хемтрејлси се само обични кондензациски траги. Кондензациските траги стануваат почести со зачестеноста на авионското патување. Исто така е можно дека климатската промена предизвикува опстанување на кондензациските траги подолго веме отколку што тоа е вообичаено“, објаснува истражувач од Карнеги и коавтор на студија, Кен Калдеира (Ken Caldeira).

Теоретичарите на овој заговор веруваат дека покрај водената пареа во хемтрејлсите е можно да се пронајдат елементи на стронциум, бариум и алуминиум, кои, освен што се токсични супстанци способни да ја загадат водата и почвата, се присутни помеѓу нас веќе десетици години и дека тајно се пуштаат во атмосферата, видливи за наивните жители. Ова сè е организирано по план на елитата, владите и војските на државните институции со цел регулирање на залихите на храна, контрола врз популацијата и манипулација со временските услови.

„Хемтрејлс теоријата на заговор се појавува прилично блиску до настанокот и развојот на интернетот, каде сè уште можете да најдете голем број на веб портали кои го промовираат овој посебен бран на псевдонаука. Нашето истражување откри многу малку согласности во научната заедница со тврдењето дека владата, војската, воздушните компании и други се во широко распространетата, подла програма, за труење на планетата од небото“, тврди коавтор на студијата, Стивен Дејвис (Steven Davis).

Испитувачи специјализирани за атмосферска прашина и загадување предупредуваат дека чувањето и транспортирањето на примероци вода, земја и снег во стаклени тегли со метални капаци доведува до погрешни резултати, особено ако во текот на носењето истите се тресат или ако стаклото не е исчистено со киселина за испирање, па содржат преостанати метали, со што примероците се контаминираат, што де факто доведува до лажни теории.

На кого да се верува е препуштено на читателите, но секако треба да се имаат на ум бројните сведоштва на поранешни воени службеници кои јавно потврдија присуство на токсични супстаници во проблемот за хемиските траги. Додека стравот напаѓа сè поглем број од популацијата, задача на војската, владата и науката е јасна и првенствено е тие да ја отстранат дамката од своето име.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.