Научниците сметаат дека планетарните каменчиња се градечки материјал на џиновските планети

0
Научниците сметаат дека планетарните каменчиња се градечки материјал на џиновските планети

Уметнички приказ на млад ѕвезден систем кој покажува како прво се оформуваат гасовитите џинови, додека е сè уште присутна маглината. Научниците развија нови компјутерски симулации кои објаснуваат како еволуирале Јупитер и Сатурн. Пресметките велат дека јадрата на џиновските гасовити планети се создадени од постепено таложење на планетарни камчиња – смрзнати објекти со дијаметар околу 30 сантиметри. Извор: NASA/JPL-Caltech

Истражувачи од Југозападиот истражувачки институт и Универзитетот Квинс во Канада ја открија мистеријата за создавањето на Јупитер и Сатурн. Ова откритие, кое го менува начинот на кој гледаме на создавањето на планетите, беше објавено овој месец во списанието Nature.

Најголемите планети најверојатно се формирале први. Јупитер и Сатурн, кои се создадени претежно од водород и хелиум, го акумулирале гасот пред распрскувањето на Сончевата маглина.

Со набљудување на млади ѕвездени системи се гледа дека гасовитите дискови од кои се формираат планетите вообичаено траат од 1 до 12 милиони години, што значи дека гасовитите џинови во нашиот систем веројатно се формирале во овие временски рамки. Како за споредба, на Земјата ѝ биле потребни најмалку околу 30 милиони години да се формира, а можно е да ѝ биле потребни и до 100 милиони години. Како успеале Јупитер и Сатурн да се формираат толку брзо?

Според најпроширената теорија, најпрво се создава јадро во големина на планета од мраз и карпи, потоа се привлекуваат гас и прашина околу растечката планета. Сепак, теоријата има недостаток. Имено, за да се акумулира толку масивна атмосфера потребно е јадро со маса околу 10 пати од онаа на Земјата. Но, некои од ваквите големи објекти како Уран и Нептун се офрмиле за само неколку милиони години. Во стандардниот модел за планетарно создавање, карпестите јадра растат со спојување и асимилација со објекти со слична големина преку процес на сраснување. Карпите се спојуваат со карпи, создаваат планини, потоа други планини се спојуваат со нив и така натаму се доаѓа до сè поголеми објекти. Но, овој модел не може да го објасни создавањето на Сатурн и Јупитер, во доволно кратко време колку што и реално им било потребно за да се оформат.

Според новиот модел овој недостаток се објаснува со тоа што се претпоставува дека јадрата на џиновските планети се создаваат со акумулирање на мали планетарни каменчиња и ова е возможно да се случи без да се надмине временската рамка од 10 милиони години. Исто така, гасот, како поттикнувачки ветер може да има клучна улога во забрзувањето на овој процес.

Во статијата се вели дека со овој начин може да се формираат доволно големи јадра сè додека каменчињата се создале доволно бавно за да им се даде на растечките планети да си влијаат гравитациски. Доколу каменчињата се создадат пребрзо, процесот на наталожување би резултирал со создавање на стотици замрзнати Земји, наместо гасовити џинови. Растечките јадра имаат потреба од некое време за да ги оттргнат конкурентите од камчињата. Токму затоа, се формирале само два гасовити џинови.

Според авторите, ова е единствениот модел кој ја објаснува структурата на надворешниот дел од Сончев систем, двата гасовити џина, двата смрзнати џинови и Кајперовиот појас.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.