Огромна црна дупка-скитник отфрлена од силни гравитациски бранови

0

Како што космичката трамболина се повеќе се шири, силните гравитациски бранови би можеле да исфрлат супермасивна црна дупка од центарот на нејзината галаксија. Во галаксија 8 милијарди светлински години оддалечена од нас, црна дупка милијарда пати помасивна од Сонцето не е на локацијата каде што треба да биде. Веќе е одалечена речиси 35 илјади светлински години од галактичкиот центар (каде што обично се наоѓаат повеќето црни дупки). Марко Чиберг и колегите од Научниот институт за вселенски телескопи во Мериленд, со помош на вселенскиот телескоп Хабл ја открија оваа црна дупка, најголемата досега детектирана. Тимот откри дека била поместена од силна експлозија на гравитациски бранови.

Огромна црна дупка-скитник отфрлена од силни гравитациски бранови

Заслуги: ESA/Hubble

При спојување на две галаксии, нивните црни дупки се приближуваат една кон друга сретнувајќи се во центарот на новосоздадената галаксија. Кога двете дупки орбитираат една околу друга, произведуваат бранувања во простор-времето, наречени гравитациски бранови. Ако црните дупки имаат различни маси или степени на ротација, гравитациските бранови зрачат најсилно само во една насока. Како што дупките се повеќе навлегуваат една во друга и се спојуваат, новата црна дупка отскокнува во друга насока.

Екстремен удар

Познато ни е помалите црни дупки да се спојуваат на овој начин, но ова е првпат тоа да го забележиме кај помасивните. „Количеството на енергија потребно за да се отфрли црна дупка како оваа е еднакво на енергијата од експлозија на 100 милиони супернови заедно.“ – вели Чиберг. „Ништо друго не може да го направи тој удар.“

Ако црната дупка навистина е исфрлена од страна на гравитациските бранови, тогаш нам ни се насмевна среќата во откривањето на таа појава. „Ова е екстремен удар, на работ на очекуваното – значи тоа е еден многу необичен систем.“ – објасни Даниел Холц, од Универзитетот на Чикаго. Овој необичен систем може да докаже дека супермасивните црни дупки во нашиот Универзум се соединуваат – феномен за кој досега немавме убедливи докази. „Големата дилема е следнава: дали црните дупки навистина се спојуваат, или само орбитираат една околу друга зависно од староста на Вселената?“ – вели Чиберг. „Следејќи го овој феномен, согледуваме дека навистина станува збор за соединување во една супермасивна црна дупка.“

Сепак, сè уште е можно дупката да не била исфрлена од брановите, туку само да се наоѓа позади галаксијата на која припаѓа. „Тоа веќе би било излегување од границите на екстремната физика.“ – кажа за крај Холц. „Времето ќе покаже.“

Превод: Давид Симоновски

Извор: New Scientist

Сподели.